Заврши протестот во Тирана: Нема да запреме сѐ до заминувањето на Рама

Со обраќањето на потпретседателот на опозициските демократи, Еди Палока, со пеење на албанската национална химна и со извикување „Рама од си”, попладнево пред седиштето на Демократската партија заврши денешниот протест на обединетата албанска опозиција.

Палока му порача на премиерот Еди Рама дека може да прави се, но никако не може да ја запре огромната омраза на народот.

– Многу набрзо ќе бидете сведоци како ќе се дадат во бегство и не ќе знаат каде да запрат од граѓанското раководство, порача меѓу другото Палока.

Лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади порача дека протестите нема да запрат се до заминувањето на Рама.

– Заминувањето на Рама ќе ја направи Албанија нормална и европска земја, која сега е рај на дрогата и валканите пари, изјави Круемади.

И денешниот протест мина со тензии, но споредено со претходниот собир одржан во четвртокот, тие беа во помал обем.

Учесниците на протестот, повеќето млади луѓе, прво се собраа пред Парламентот, каде се одржува пленарна седница и каде беше и најтензично, поради насилните обиди на демонстрантите да го пробијат кордонот полицајци, врз кои беа фрлани димни бомби и тврди премети. Демонстрантите потоа се упатија пред Владата, каде се задржаа кусо и на крај протестот заврши пред седиштето на Демократската партија.

Она што беше поразлично од другите протести, беше тоа што поголемиот број од демонстрантите беа млади луѓе, студенти и средношколци, кои речиси сите држеа пароли на кои беше напишано „Оди си”.

Учесниците поставија пирамида, која, според нив, симболично ја означува пирамидата на криминалот, на која меѓу другото беше напишано дрога и купување на гласови и на чиј врв пишуваше Еди Рама, која потоа ја запалија.

На денешниот протест дел од младите на рацете има лисици, а на маиците што ги носеа пишуваше: „Слобода, демократија, надеж”.

Обединетата албанска опозиција најави „масовен протест” за 13 април, а паралелно со тоа ќе одржува протесни собири секогаш кога Парламентот ќе одржува седница.

Треба да знаете
Последни објави