Силјановска: Не е доволно само да се потпише договор за да се биде дел од НАТО и ЕУ

Замислите, не можел да слета навреме авионот, па затоа не сме можеле да ја чуеме интонацијата на химната, рече на вечерашниот митинг во Ресен кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова зборувајќи за денешната средба меѓу премиерите Заев и Ципрас.

„Небаре химната останала во авионот, а не долу. До таму немаат срам, што дури и лагите со здравиот разум им се косат“, рече таа, а потоа образложи зошто е химната важна за една држава.

„Понекогаш симболите се помоќни во говорот, од зборовите, е токму тоа е химната, токму тоа е знамето, токму тоа е грбот и како во сите пристојни земји, како во државите со нишани, така и во Уставот на Република Македонија има член кој зборува за државните симболи“, појасни таа додавајќи дека ниту еден државен настан ниту еден спортски настан не почнува без интонирање на химните.

„Ама, ете, денеска, на таа таканаречена историска средба на двајцата, на двата соседа, на двете држави, небаре господинот Ципрас му е дојден во приватна посета на господинот Заев, остана без химните. Тоа е навреда за македонскиот народ“, оцени Силјановска-Давкова.

Таа понатаму во обраќањето зборуваше за членството во НАТО велејќи дека не е доволно само да се потпише договор за да се биде дел од алијансата или Европската Унија.

„Знам дека нашите луѓе, нашите војници, освојуваат медали во светот, награди, меѓутоа дома немаат чевли. Ова Влада не направи ни стратегија ниту, пак, план не само за НАТО и ЕУ туку и за сите споменати прашања. Се разбира, малку ѝ беа, замислете, две и пол години речиси, освен за името, ништо друго да не реши. Си ги решаваа сопствените проблеми“, кажа кандидатката за претседател.

Силјановска-Давкова во говорот во Ресен нагласи дека фамилијарните вработувања на роднини на функциониери во државните институции станале секојдневие.

„Немаме независно судство, имаме криво судство. Немаме парламент како законодавно тело бидејќи парламент без опозиција не постои. Немаме квалификувана администрација, а таа е костур на секоја држава и без неа нема реформи. Но, имаме секојдневно скандали, па станавме земја на скандалите. Имаме секојдневно фамилијарни вработувања и имаме нешто што никаде и никој го нема во моментот, може го има во Северна Кореја или Северен Виетнам – забранети филмови, забранети претстави. Забранети книги имаме. Дваесетина книги има за убиствата или обидите на Дегол, уште толку за браќата Кенедиеви. Да не говорам за Соединетите Американски Држави, да не говорам за жестоките критики на претседателот Буш, меѓутоа никој не забрани филм, никој не забрани книга. Мислам дека ни во комунизмот тоа го немаше во оваа земја, но како што гледате, тоа е нивната промена, тоа се нивните реформи“, посочи таа.

Силјановска-Давкова пред жителите на Ресен нагласи и дека ако бојкотот на референдумот имал логика, бојкотот на претседателските избори нема логика.

„Само ако сте внатре, можете да ги менувате нештата, само ако сте внатре, можете да градите стратегија, само ако сте внатре, може при секоја средба со кој било претставник на ЕУ, на НАТО, на амбасадите, да им ја предочите македонската болка, да им кажете дека не може некое решение, како ова за Северна Македонија, тукутака да помине, дека е тоа неприродно, дека нè навредува, дека не може да стане дел од нас, дека ни ги навредува умот и срцата, дека понекогаш е далеку од здравиот разум, само така може да се реши“, образложи таа.

На крајот, побара поддршка на изборите за, како што рече, во историјата да биде испратена една од најнеодговорните влади, со предизвикување нови парламентарни избори.

Треба да знаете
Последни објави