Search

Силјановска Давкова: Македонија ќе биде сé што имаме

Силјановска Давкова: Македонија ќе биде сé што имаме

Македонија повторно ќе биде сé што имаме, бидејќи ние немаме друг избор, порача професорката Гордана Силјаноска Давкова, кандидат за претседател на ВМРО – ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Ресен.

Барајќи ја својата доверба од жителите на Преспа таа се задржа на промената на уставното име на државата посочувајќи дека името е врзано за нацијата, за луѓето, за Македонците.

– Ние немаме друга Македонија. Не постои Репубика Јужна Макеоднија. Смешно е некој да помисли дека од територијата сме го добиле името. Ако сме опстоиле и во Отоманската империја и во сите битки и ако сме положиле темел на модерната антифашистичка Европа. Ако на 8 септември гласавме за Македонија во огромен број, како тогаш без болка да ја читаме преамбулата во која пишува дека илинденците и партизаните се бореле за Северна Македонија, дека на 8 септември сме гласале за Северна Македонија. Не Северна е нивна, а Македонија е наша, рече Силјановска Давкова.

Според неа, името е најважниот идентитетски знак и кога се работи за индивидуа и кога се работи за држава.

Во своето обраќање пред присутните повторно се задржа на неинтонирањето на химната при денешниот пречек на грчкиот премиер Алексис Ципрас, нагласувајќи дека се чуствува со урнисано достоинство заради таквиот чин и оти тоа е навреда за македонскиот народ и македонската држава.

– Нашиот премиер наместо денеска да ја симболизира државата заборави на химната. Сраманиот чин говори за него, за Владата, за државата што тој мисли дека ја претставува, но ние ниту ја чуствуваме, ниту ќе ја прифатиме неговата држава. Нашата држава има 75 години стара химна. Ние простум стоиме кога се интонира. Ние државата си ја носиме не само во умот, туку и во срцата, додаде кандидатот за претседтаел на опозициската ВМРО – ДПМНЕ.

За влезот на земјата во НАТО, посочи дека потребно е исполнување критеруми како и во Европската Унија, но забележа дека Македонија нема амбасадор во Алијансата, кој треба да организира се во пресрет на влезот.

Ги повика граѓаните масовно да излезат на 21 април и да и ја дадат довербата со цел, како што рече, да може да ги менува нештата одвнатре.

Според лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Македонија и треба хероина, честит човек, човек со достоинство, што ќе ги штити Уставот и законите и што си ја сака државата.

– Оваа генерација граѓани на Македонија има историска и неповторлива можност најпрво на 21 април, па на 5 мај, а потоа на предвремените парламентарни избори да му го покаже вистинското место каде припаѓа премиерот, а тоа е на темната страна на историјата, рече Мицкоски.

Пред присутните се осврна на откупот на преспанското јаболко и предизборните ветувања на власта за загарантиран откуп.

Покрај во Ресен ВМРО – ДПМНЕ вечерва предизборни митинзи одржа во Струга и во Вевчани.

Треба да знаете
Последни објави