Search

Мицкоски: На овие избори да им дадеме жолт картон и да им покажеме дека се пред исклучување

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓаните на Вевчани.

Како што информираат од неговата партија, Мицкоски посочил дека граѓаните и државата се соочуваат со голема неправда од Зоран Заев и неговата влада и нагласил дека со победа на претседателските, ќе се отвори патот кон предвремени парламентарни избори.

„Правдата во Македонија има непријател и тој се вика Зоран Заев. Тој заедно со неговите луѓе се носители на неправдата во нашата држава. На овие избори да им дадеме жолт картон, пред исклучување. Зошто ако не, ќе мислат успеале да ве измамат и им поминало“, истакнал партискиот лидер.

Тој од граѓаните побарал поддршка за кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, истакнувајќи дека токму таа е личноста која ќе ја заштити правдата и интересите на Република Македонија.

„На Македонија и треба надеж, таа надеж се вика правда за Македонија. Јас верувам во таа надеж, верувајте и вие, заедно ќе се избориме. Дојде тоа време кога цврста жена како Гордана Силјановска Давкова треба да ја штити правдата и интересите на државата. Претседателка која ќе се стави крај на демакедонизацијата, ќе биде на страната на правото и правдата, која ќе се бори за закони во рамките на Уставот, која ќе гради дипломатија базирана на компетенции“, посочил Мицкоски, повикувајќи на политичка борба за правда во Македонија.

Треба да знаете
Последни објави