Search

Бектеши-Мурицкиј: Чешка ќе и даде поддршка на Северна Македонија во пристапниот период

Република Северна Македонија претставува одлична можност за чешките бизнисмени, кои со инвестирање во земјава ќе го решат проблемот со недостиг на работна сила, истакна денеска чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Едуард Мурицкиј, нагласувајќи дека Чешката Република има најниска стапка на невработеност во Европската Унија.

На Б2Б средбите што се одржаа во рамки на Македонско – чешкиот бизнис форум во Скопје, Мурицкиј потенцираше дека Чешка ќе и даде поддршка на Северна Македонија во пристапниот период.

– Приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе донесе нови побарувања за финансирање во земјоделството, животната средина, обработката на храна, нејзино пакување…Соработката со чешките компании ќе ви помогне подготвени да влезете на ЕУ пазарот. Нашиот интерес се енергетските проекти, десулфуризацијата на електраните, железничката мрежа, патиштата, но и модернизирање на здравството и туристичката соработка, истакна чешкиот заменик-министер.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата во изминатиот период спровела низа реформи и поттикнала нови проекти за регионална соработка, со цел како земја, но и како регион, да бидеме подготвени за влез во единствениот европски пазар.

– За бизнис секторот посебно интересен е Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои за првпат овозможивме еднаков третман за сите инвеститори – домашни и странски. Со него понудивме мерки кои имаат за цел да го поттикнат растот и конкурентноста на економијата, преку поттикнување нови инвестиции, нови вработувања, поддршка на извозот и поттикнување на растот и иновативноста на малите и средни претпријатија, наведе Бектеши.

Тој стави акцент на реформите во енергетскиот сектор со кои предноста е на страната на обновливите извори на енергија и од каде наскоро ќе се создаваат услови за инвестирање во фотоволтаични централи, како и на новиот закон за минерални суровини, каде чешките искуства во проекти од животната средина можат да ни бидат од голема корист и ги покани чешките инвеститори дел од своето производство да го префрлат во пријателска Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави