Search

Активни пожари во повеќе делови од државата

Центарот за управување со кризи на својата „Фејсбук“ страна објави информација за активните и изгаснатите пожари на отворен простор до 18 часот.

Од ЦУК информираат дека во скопскиот регион, во место викано Љуботенски бачила зафатена е поголема површина на нискостеблеста дабова шума и трње, а во моментот дува силен ветер и го шири пожарот кон м.в. „Башинец“. Пожарот во близина на фабриката за тули „Типо“ – Драчево е изгаснат. Овој пожар, велат од ЦУК, зафати дел од пругата, поради што сообраќајот беше во прекин на релација Скопје – Велес, но веќе е нормализиран. Шумски пожар е појавен и кај манастирот Св. Богородица – Матка, а поради силниот ветер пожарот се шири брзо. Досега е опожарена голема површина на даб и смрека.

Во битолски регион пожарот кај селата Прељубје и Покрвеник- Перово место викано Вича е целосно изгаснат. Пожарот во Национален Парк Галичица реонот туристичка населба Сирхан-м.в. Кале е ставен под контрола. Во општина Долнени појавен е пожар кај село Небрегово гори шума, на терен се екипи од ТППЕ-ПРИЛЕП. Активен пожар има кај с.Топлица во близина на каменоломот, на терен се екипи од ТППЕ-ПРИЛЕП, велат од ЦУК.

Во тетовскиот регион, пожарот кај селото Лакавица, општина Желино е се уште активен. Пожарот се шири кон село Седларево потпомогнат од силниот ветер.

Во општина Гостивар појавен е шумски пожар кај село Ѓурѓевиште на пожарот интервенираат од ТППЕ Гостивар

Од ЦУК информираат дека во делот н охридскиот регион, во моментот има активен пожар во атарот на село Рамне во многу непристапен терен, каде гори ниска деградирана шума и смрека. На гаснење на пожарот има вработени од ШС.Сандански. Во општина Македонски Брод се интервенира на пожар во атарот на село Ботушје каде гори дабова шума.

Во велешкиот регион, активен пожар има во атарот на селото Црешнево. Во гаснењето на пожарот интервенираат екипа на ШС Бабуна и пожарникари од ТППЕ Велес. Во општина Чашка има пожар во атарот на с. Богомила, екипа на ШС Бабуна интервенира со правење на заштитен појас.

Штипски регион – во атарот на селото Саса м.в Маалаците пожарот е локализиран, но дел од пожарот се уште e активен и зафатена е нискостеблеста шума на површина од околу 150 Ха. Во општина Берово има активен пожар во атарот на м.в Цареви колиби, Владимирово каде гори папрат и деградирана дабова и борова шума. Во гаснење на пожарот интервенираат вработени од Шумското стопанство и месно население за да се спречи ширење на пожарот кон викенд куќички.

Во струмички регион опожарен е атарот на селото Куклиш каде гори борова шума. Во гасењето учествуваат од ТППЕ Струмица и од ШС Беласица.

Во кумановски регион, во Општина Липково пожарот во атарoт на село Никуштак кај место викано Баре е изгаснат. Во општина Крива Паланка во атарот на селото Габор маало Милчовци према Метежево има пожар каде гори сува трева и мешовита шума. Во гасење на пожарот интервенираат ТППЕ Крива Паланка и екипа од ШС Крива Паланкa. Шумскиот пожар во атарот на селото Живиње е исто така сеуште активен, информираат од Центарот за управување со кризи.

Треба да знаете
Последни објави