Германија ја продолжи забраната за продажба на оружје во Саудиска Арабија и покрај притисокот од Париз и од Лондон

Германија ќе ја продолжи својата забрана за извоз на оружје во Саудиска Арабија најмалку до октомври, изјави портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува РТ. Берлин се соочи со зголемен притисок од сојузниците во текот на овој потег.

„Забраната ќе биде продолжена уште шест месеци до 30 септември. Во овој период нема да бидат одобрени нови барања за извоз”, рече портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, во четвртокот.

Одлуката за тоа дали да се продолжи забраната беше спорна. Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркелсакаше да го омекне ставот кон Саудиска Арабија додека нејзиниот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СПД), цврсто стоеше зад сегашната забрана, посочува „Дојче веле“.

Берлин воведе забрана за продажба на оружје во Саудиска Арабија во ноември минатата година како реакција на бруталното убиство на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Турција. Поради убиството и загриженоста за улогата на Саудијците во бомбардирањето на Јемен, Германија наметна ембарго за идните договори за оружје со заливското кралство со што беа стопирани и постоечките испораки на оружје.

Ембаргото првично требаше да истече на 9 март, но беше продолжено до крајот на месецот. Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, на почетокот од март изјави дека одлуката е донесенапоради случувањата во Јемен каде коалицијата предводена од Саудиска Арабија предизвика масовни цивилни жртви и се соочи со обвинувања за спроведување на недискриминирачки бомбашки напади на ниво на воени злосторства.

Освен што предизвика внатрешни несогласувања, ембаргото ги затегна и односите меѓу Берлин и другите две европски центри, Велика Британија и Франција. И Лондон и Париз ја опоменаа германската влада поради тоа што не ја укина забраната бидејќи ја спречува продажбата на нивното оружје во Ријад, произведено со употреба на германски компоненти опфатени со забраната во Берлин.

Додека САД, која е најголемиот снабдувач на оружје за Саудиска Арабија, Франција и Велика Британија одлучија да продолжат со продажбата, Данска, Холандија и Финска се приклучија на забраната, укинувајќи ги нивните извозни дозволи за Саудиска Арабија.

Треба да знаете
Последни објави