Search

САД одобриле тајна продажба на нуклеарна техника во Саудиска Арабија

Американскиот секретар за енергија, Рик Пери, одобрил шест тајни овластувања кои им овозможуваат на компаниите тајно да ја снабдуваат Саудиска Арабија со технологијата и помош за нуклеарна енергија, пренесува „Спутник“.

Националната администрација за нуклеарна безбедност при Министерството за енергетика (ННСА) тврди во документот дека фирмите побарале администрацијата на Доналд Трамп да ги чува одобренијата во тајност.

„Во овој случај, секоја од компаниите кои добиле посебно овластување за Саудиска Арабија ни дадоа писмено барање нивното одобрение да остане во тајност”, се вели во документот.

Ројтерс цитираше анонимен официјален претставник на Одделот за енергетика кој тврди дека барањата содржат заштитени информации и дека овластувањата биле подложени на процес за одобрување од повеќе агенции.

На конгресното сослушување во средата, републиканецот Бред Шерман побара од државниот секретар Мајк Помпео до средината на април да ги именува компаниите кои ги добиле овластувањата. Шерман, исто така, ја обвини администрацијата на Трамп дека се обидува да го избегне Конгресот при споделувањето на нуклеарната моќ со Ријад.

Помпео, од своја страна, изјави дека администрацијата ќе се погрижи секоја споделена технологија за нуклеарна енергија да не дојде во опасност од ширење.

Новите информации доаѓаат непосредно откако американските сенатори Боб Менендез и Марко Рубио во писмо до генералниот секретар Џин Додаро посочија дека Канцеларијата за одговорност на владата (ГАО) треба да ги испита преговорите на администрацијата на Трамп со Саудиска Арабија поради цивилната нуклеарна спогодба која би можела да е во спротивност со федералниот закон .

„Бараме ГАО да спроведе итна ревизија на интеракциите на Министерството за енергетика со Саудиска Арабија во врска со нуклеарната соработка, да утврди како е координирана или дали вклучува други релевантни агенции, особено Стејт департментот, како и на конкретните иницијативи или предлози за нуклеарна соработка што биле презентирани или дискутирани во тие интеракции”, се вели во писмото.

Саудиска Арабија, која се труди да го прошири своето енергетско портфолио, беше во разговори со САД во врска со билатералниот договор за нуклеарна соработка, кој ќе му овозможи на Ријад да ги спроведува своите цивилни нуклеарни проекти.

Треба да знаете
Последни објави