Search

Белгиски градоначалник осомничен за изборен фалсификат одбива да се повлече

Заменик градоначалникот на белгискиот град Нешато и шеф на неговата демохристијанска парламентарна група, Димитри Фурни, кого обвинителството го гони за изборен фалсификат на последните локални избори, одбива да си поднесе оставка, но нема да се кандидира повторно.

По пет месеци темелна истрага, обвинителството пред една недела соопшти дека заменик градоначалникот и уште дваесет лица од општината се товарат за фалсификување на локалните избори во октомври 2018 година.

Според обвинителството, Фурни и неговите соработници фалсификувале гласачки ливчиња на име на стари и изнемоштени лица од пензионерскиот дом на градот, кои не биле способни физички да дојдат да гласаат. Идентификувани се дваесеттина спорни гласови за партијата на заменик градоначалникот, ЦДХ, демохристијанската опција.

Локалните избори во градот Нешато се спорни уште од нивното одржување во октомври. Новиот општински совет сѐ уште не е одобрен поради сомнеж за фалсификат уште тогаш. Имено, на денот на изборите, му било забрането гласањето на едно лице кое дошло да гласа со полномошно за својот татко, бидејќи некој веќе гласал со друго полномошно за него.

Димитри Фурни ги отфрла сите обвинувања и тврди дека е сосема чист.

Тој одбива да поднесе оставка и бара да се почитува презумпција на невиност сѐ додека не заврши судскиот процес, но прифати да не се кандидира на претстојните регионални и федерални избори кои ќе се одржат во мај.

Претседателот на партијата на Фурни, Максим Прево, изрази разбирање за одлуката на неговиот сопартиец.

– Во предизборниот контекст и со оглед на обвинувањата, ја разбирам и почитувам целосно неговата одлука, затоа што кога ќе заврши судската процедура, доколку тој не биде прогласен за виновен, ќе изгубиме уште еден човек и политичар, изјави неговиот шеф.

Треба да знаете
Последни објави