Расправата по интерпелацијата на Спасовски ќе ја продолжи по паузата во 19 часот

Собранието попладнево во рамки на 86-та седница ја продолжи расправата по интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која беше поднесена од пратениците од  ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија”.

Пратениците од опозицијата го обвинија министерот Спасовски за незаконски тендери за возила во МВР, за непотизам, за селективно апсење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на неистомисленици.

Во интерпелацијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност од Спасовски за несовесното, нестручното и селективното работење. Според нив, непрофесионалното работење на МВР довело до скандали, корупција, a како што посочија, граѓаните биле жртви на грабежи, обиди за убиства, рекетирања и насилства.

Власта на став дека Спасовски е професионалец, кој посветено ги исполнува своите обврски како министер за внатрешни работи, за опозицијата тој треба да си замине бидејќи нема капацитет да ја води оваа институција.

Спасовски во текот на дискусијата реплицирајќи и одговарајќи им на различни пратеници и од власта и од опозиција посочи дека насилството е драстично намалено во однос на изминатите години. Наведе повеќе статистички податоци за повеќе години, при што потенцира дека лани на спортските натпревари не е забележан ниту еден физички инцидент, кој претставувал закана за јавниот ред и мир, а во 2018 исто така немало ниту еден инцидент на национална основа во училиштата, прв пат минатата година кај ниту еден ученик не е пронајдено оружје, за 70 отсто се намалени какви било вербални инциденти, за 20 отсто се намалени сообраќајните незгоди со смртни исходи, за 45 отсто се намалени кривичните дела силување…

-Да бидете спокојни министерот за внатрешни работи не седи на фотелји од телешка кожа. Седам на истите што ги купила Гордана Јанкуловска, иако имам некое чувство да ја сменам столицата за да не бидат ист како нив, но сепак сметав дека е подобро да купиме столици за полициските службеници, отколку за мене, рече министерот Спасовски.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека интерпелацијата е поднесена бидејќи сметаат дека крајно време е овој министер да ја напушти функцијата за која, како што рече, многу пати досега докажа дека нема капацитет да ја води.

Неговата сопартијка Благица Ласовска нагласи дека граѓаните во земјава не можат да бидат спокојни ако постојано гледаат грабежи, нерешени убиства.

-Министерот мора да внесува спокој кај граѓаните, рече таа и запраша до каде е случајот со исчезнатот момче Пинета Секондо, чија мајка протестира поради тоа што институциите не презеле мерки за наоѓање на нејзиното дете.

Таа и му порача на Спасовски дека тој и МВР треба да реагираат, а не само да им порачуваат на граѓаните да бидат спокојни.

– Велите лажни вести се дека луѓето исчезнуваат заради трговија со органи, кога граѓаните имаат недостиг на информации нормално е така да размислуваат, рече Ласовска.

Го спомена и случајот со претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

– Пендаровски вели го следат странски служби, па служби на опозицијата. Ако додека вие сте на власт постојат параслужби кои ги следат кандидатите на власт тоа не е во ред. Дали самиот не се сомневате зошто на првиот ден кандидатот за претседател дава таква изјава. Дали вие имате сомнеж во таа изјава, го праша таа министерот Спасовски.

Тој и реплицираше дека ВМРО-ДПМНЕ е синоним за се што беше лошо во оваа држава и додаде дека ако некој сторил криминал треба да одговара без разлика, кој е и што е.

Џеват Адеми од ДУИ нагласи дека неговата партија не ја поддржува интерпелацијата, пред се поради тоа што пратеничката група, но и нејзините гласачи сметаат дека Спасовски е одговорен, посветен и професионално си ја врши функцијата.

Тој нагласи дека борбата против криминалот не е завршена, тоа е процес, кој продолжува и бара секојдневен напор, а Спасовски уште од првиот ден на функцијата покажал дека има капацитет да се носи со должностите кои проилзегуваат од неа.

Расправата по интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Спасовски, Собранието ќе продолжи по паузата во 19 часот.

Треба да знаете
Последни објави