Search

Макрон ја врачи наградата „Симон Веј” на Камерунка која им помага на жените жртви на насилство

Францускиот претседател Емануел Макрон ја врачи наградата „Симон Веј” на Камерунката Аиса Думара, која го води здружението за помош на жртвите на силување и присилни бракови во својата земја.

Добитничката на наградата рече дека признанието го посветува на сите жени жртви на насилство, силување и присилен брак.

Макрон на церемонијата рече дека ќе бидат издвоени 120 милиони евра за борба против насилството и дискриминацијата над жените.

Наградата востановена годинава, која беше враченна на Меѓународниот ден на жената, е дел од омажот на поранешната француска министерка Симој Веј, значајна личност во политичкиот живот на Франција, која почина на 30 јуни 2017 година, на возраст од 90 години.

Таа беше политичарка која придонесе за еманципација на жените и заслужна е за легализација на абортусот во Франција во 1974 година, како и за усвојување на законот за контрацепција.

Симон Веј ги преживеа нацистичките концентрациски логори и особено е значајна нејзината работа околу основањето на Фондацијата за сеќавање на Холокаустот.

Наградата која го носи нејзиното име има и финансиски дел, кој изнесува 100.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави