Search

Жените свесни за нарушувањето на нивните права, но тешко ги докажуваат

Свеста на жените во земјава се подига и во однос на мобингот што тие го трпат на работното место, сексуалното вознемирување, но и во однос на нарушување на сите права што ги имаат согласно законите при што е забележано и зголемување на претставките по овие основи, но сепак, за жал бројот на случаите кои добиле судска разрешница е мошне мал, бидејќи оваа област тешко се докажува. Ова го порача денеска генералната секретарка на СОНК, Весна Неделковска која говореше во име на женската секција при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија по повод 8 Март-Меѓународниот ден на жената.

Таа посочи дека во работата на КСС посебен акцент е ставен на темите при евентуална половна дискриминација, мобинг, злоставување на жената на работното место, еднаквост во процесот на вработување, еднаков третман и плати, права обезбедени во период на родителство и мајчинство, социјална заштита и безбедност и здравје при работа или како што рече, севкупното јакнење на жените во подобрување на нивната положба во општеството и личен и професионален напредок и развој.

Во оваа насока, додаде Неделковска, се работи и на балансот меѓу професионалниот и приватниот живот на жената и напуштање на стереотипот дека таа треба да му се посвети на семејството по цена на нејзиниот професионален и кариерен развој.

-Статистиката покажува дека се повеќе жената се охрабрува да го пријави мобингот, евентуалната дискриминација. Исто така, статистиката покажува дека мажите не во голем процент, но повеќе од претходно почесто го користат породилното отсуство и сметам дека преку оваа секција на жени се подига свеста кај жената работничка, рече Неделковска.

КСС преку женската секција и гранските синдикати постојано работи и на унапредување на правата од работен однос, зголемување на платите во јавниот сектор кои се под достоинството на вработените и под утврдената просечна плата во земјава.

Неделковска потсети дека лани и оваа година низ државата се одржаа протести во повеќе градови на кои учествуваа повеќе жени работнички преку кои се бара подобрување на социјалниот статус, вградување на К-15 во општиот колективен договор и корекција на платите во однос на утврдената минимална плата на ниво на Република Северна Македонија.

Неделковска посочи дека се продолжува со активностите за зголемување на породилното отсуство и побројно користење на истото од страна на мажите, што е утврдено со закон.

-КСС тука нема да застане и ќе продолжи да работи на зголемување на правата до работен однос. Иако нема резултати преку социјален дијалог и партнерство ќе продолжи со своите активности и одржување на протести, рече Неделковска и додаде дека не е исклучено да се организира генерален штрајк на ниво на јавен сектор.

Треба да знаете
Последни објави