Search

Пендаровски по изборот на конгресот: На 5 мај немаме друга опција освен да победиме

На 23. Конгрес на СДСМ 712 делегати гласаа за Стево Пендаровски и го избраа за кандидат за претседател на Република Северна Македонија.

Своето обраќање Пендаровски го почна со благодарност за поддршката и како што објави вчера на својот фејсбук профил рече дека е чест што добива поддршка од 31 политичка партија и од граѓани од сите етнички заедници. Посебна благодарност упати до лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев кој, како што рече, направил политички преседан и му дал шанса повторно да биде кандидат за претседател по пет години, од 2014 кога, рече, сите бевме предмет на брутален изборен инженеринг.

Драго  му е  што првпат од независноста на државата зад неговата кандидатура застануваат и три политички партии на Албанците кои немаат приговор за неговиот избор.

 

Пендаровски ги спомна и другите тројца фаворити и кандидати на СДСМ, министрите Спасовски, Димитров и Шекеринска кои, рече, се негови пријатели и соборци за иста кауза. Им се заблагодари за начинот на кој се презентирале себеси во изминатиот период: „максимално достоинствено, без потценување на останатите и без да го разнишаат ниту за милиметар политичкиот проект со историски пропорции за кој се бориме заедно со години”.

Подвлече дека по цела една деценија  „автократски режим на фамилијата”, во последните две години почнале од земјава да доаѓаат убави вести. За актуелната власт рече дека направила чудо со две работи – со уривање на режимот и со Договорот со Грција, додавајќи дека само тие се доволни за да бидат запаметени од историјата.

-Посакувам со наш заеднички ангагжман во наредните месеци да создадеме уште една таква вест, која сите искрени борци за слобода и демократија, не само овде, туку пошироко – во регионот и Европа, ја очекуваат со нетрпение, рече Пендаровски, заблагодарувајќи се за довербата и со повик сите заедно да се вложат, како што рече, „за Македонија – за Македонија да биде на сите”.

-Немаме друга алтернатва освен да победиме на 5 мај. Ве уверувам дека ја имаме истата страст и истата енергија како и во 2014 година да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел на Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе, најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Република Северна Македонија. На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера. Тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат  вековните етнички линии на поделба, истана Пендаровски.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави