Search

Рекордни странски инвестиции, оптимизам за економски развој

Директните странски инвестиции во износ од 624 милиони евра  регистрирани во државава минатата година за власта се потврда за преземените чекори за стабилизација на државата на политички и на економски план, со тенденција за натамошен уште поголем раст. Како клучна придобивка се сметаат отворените 4.500 работни места од новите инвестиции.

Рекордниот износ на инвестиците во 2018 година во однос на 2017, кога изнесуваа 181 милион евра, според власта, се должи  решавањето на спорот за името, потпишаниот протокол за членство во НАТО, напредокот во процесот на европски интеграции, реализацијата на владиниот План за економски раст со Закон за финансиска поддршка на инвестициите…

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев,износот на инвестиците е показател дека Владата и економскиот тим има јасна визија за индустријализација и модернизација на државата и за креирање на добро платени работни места.

– Реализираните 624.49 милиони евра се за 276 проценти повеќе од просекот од претходните осум години,  но и поголеми за 82 проценти во однос на најдобрата година на тој план – односно 2011, забележа Анѓушев, кој очекува инвестиците годинава да бидат уште поголеми благодарение на посветеноста на Владата како и на приклучувањето кон НАТО.

И за министерот за финансии Драган Тевдовски растот на инвестиците е потврда за исправниот правец во кој што се движи државата – политичката стабилизација, прогресот кон НАТО, макроекономската стабилност, исправната фискална политика и реформите. 

– Високиот прилив странски инвестиции ќе значи повисока вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард – што се и главните цели на Владата, на кои посветено работи, очекува Тевдовски. 

Како што информираше премиерот Зоран Заев, покрај досегашните реализирани странски инвестиции во држвава за само 20 месеци, во последните денови на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент, шест компании од Грција донеле одлука да инвестираат во држвава Меѓу најавените инвестиции за наредниот период е и германската компанија „Герешајмер”.

– Странските инвестиции во земјата минатата година отворија 4500 добро платени работни места, благодарение на храбрите политики на Владата и на Парламентот, без притоа да  се трошат средства за рекламирање и промоција, посочи Заев.

Како што оцени вицепремиерот Анѓушев, Законот за финансиска поддршка на инвестиците е препознаен од компаниите, а новите инвеститори не се креираат евтини работни места. Осумнаесетте инвеститори што градат фабрики во државава се обврзале дека ќе исплаќаат плати од над 300 евра.

Од минатогодишните инвестиции во износ од 624 милиони евра, 311 милиони се вложувања во четвртиот квартал.  Најголем инвеститор лани е Обединетото Кралство со 113 милиони евра, по што следуваат Германија 38 милиони, Турција и Бермуди со по 36 милиони , 31 милион се од Луксембург и Бахами, Грција 26 милиони, 17 милиони од Италија, 13 милиони од Романија…Според дејноста најголемиот дел од инвестициите 212 милиони евра биле во производство.

За инвеститорите се ветува и нова технолошко индустриска развојна зона во Скопје, во продолжение на двете постојни,  како и подобрување на инфраструктурата во останатите зони низ држвавата. Ланскиот извоз од компаните од ТИРЗ-овите изнеусвал 2,5 милијарди евра или за 20 отсто повеќе во однос на 2017.

Треба да знаете
Последни објави