Државниот секретар Димовски на средба со неговиот хрватски колега Згомбиќ

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, кој престојува во Загреб на средбата на националните координатори на Процесот 16 плус 1, се сретна со државниот секретар за Европа во хрватското Министерство за надворешни работи, Андреа Метелко Згомбиќ.

Како што соопшти МНР, со оглед на тоа што состанокот се одржа во пресрет на гласањето за ратификација на НАТО протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатланската Алијанса заеднички беше изразено задоволството што Република Хрватска е меѓу првите земји членки што го ратификуваат наведениот Протокол.

Државниот секретар Димовски, се посочува, ја истакна благодарноста за досегашната поддршка од Република Хрватска за остварување на нашите стратешки евроатлански приоритети и воедно, изрази очекување за натамошна поддршка за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ во текот на оваа година.

На средбата се разговараше и за проширувањето на ЕУ како еден од приоритетите на хрватското претседателство со Советот на ЕУ 2020, како и за натамошното унапредување на севкупните билатерални односи со акцент на економската соработка и прашањата на сукцесијата на имотот на поранешна СФРЈ, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави