Алжир се подготвува за масoвни протести против реизбор на претседателот

Само неколку дена пред актуелниот претседател на Алжир, Абделазиз Бутефлика, петти пат да се кандидира за реизбор, во земјата се очекува да се одржат најмасовните протести во последните неколку децении.

На протестите предводени од студенти, а кои ќе се одржат денес, се повикува 81-годишниот Бутефлика да се повлече од изборната трка.

Се верува дека како резултат на влошеното здравје претседателот на Алжир е во голема мера онеспособен да ја извршува својата должност оставајќи ја работата во рацете на група воени и цивилни елити.

Бутефлика, кој беше избран за претседател во 1999 година, доживеа мозочен удар во 2013 година и оттогаш ретко може да биде забележан во јавноста. Тој ја објави својата намера да се кандидира за петти мандат на 10 февруари предизвикувајќи гнев на улиците во Алжир и поттикнувајќи низа протести во целата земја.

Тој се очекува да поднесе формална апликација за реизбор в недела поттикнувајќи уште поголема мобилизација на демонстрантите во текот на неделата.

Од видеата објавени на социјалните медиуми се гледа како демонстрантите ги палат фотографиите на претседателот на Алжир. Студентите на кампусите во целата земја маршираа повикувајќи го претседателот на оставка.

Треба да знаете
Последни објави