Притвор за разбојник кој со пушка ограбил казино

Полицијата уапсила разбојник од Гевгелија кој минатиот месец со пушка ограбил казино и одзел 150.000 денари.

Секторот за внатрешни работи Струмица – Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, до ОЈО Велес, поднесе кривична пријава против Т.К.(40) од Гевгелија за разбојништво и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Според истрагата, на 9 јануари годинава околу 2.40 часот во електронско казино во Гевгелија разбојникот со ловечка пушка марка „брно“ со калибар16 милиметри и 8 ловечки куршуми со истиот калибар. На оружјето, кое на граѓаните им е забрането, претходно биле извршени механички интервенции со кои и се скратени цевките и кундакот.

Разбојникот откако влегол  преку споредниот влез маскиран со качулка на главата го вперил оружјето кон касиерот.  При тоа осомничениот од фиоката која се наоѓала на работното биро и од касата ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150.000 денари во различни апоени, истите ги ставил во најлонско кесе и преку споредниот влез излегол од казиното и заминал.

Полицијата на 22 февруари во 5.30 часот во непосредна близина на сервис кај селото Мрзенци, го уапсила разбојникот и кај него пронашла пари и цигари, кои потекнуваат од извршена тешка кражба во маркет во село Негорци и ловечката пушка.

По претресот во неговиот дом полицијата пронашла предмети кои потекнуваат од други кривични дела, и тоа четири кражби од продавници и три кражби во куќи, за кои дополнително ќе бидат процесуирани кривични пријави.

На предлог на јавен обвинител во Велес, од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија, на пријавениот му е одредена притвор од 30 дена.

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави