Search

Пакистан го затвори воздушниот простор за авиони од Индија

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Пакистан денеска објави дека го затвора својот воздушен простор за сите комерцијални летови поради ескалацијата на тензиите со соседна Индија во спорниот регион Кашмир.

Агенцијата само навела дека воздушниот простор е затворен без дополнително објаснување кога летовите повторно би биле обновени, пренесе агенцијата АП.

Пакистанската армија денеска собори два индиски воени авиона, во нејзиниот воздушен простор во Кашмир, по што објави дека заробени се двајца пилоти.

Пакистанскиот портпарол, генерал-мајор Асиф Гафор, изјави дека еден од пилотите бил повреден и хоспитализиран во воена болница, додека другиот е во притвор.

Индиските медиуми јавија дека аеродромите во индискиот дел на Кашмир се затворени за цивилен сообраќај кратко откако во тој регион беа соборени воените авиони.

Индија започна со воздушни напади врз милитантите во Пакистан во вторникот. Нападите се одмазда за милитантните напади врз индиските војници во Кашмир. Тензиите се вжештени од самоубиствениот напад на 14 февруари врз конвој на индиска паравоена полиција, во кој загинаа најмалку 40 војници.

Во момент на воена напнатост меѓу двете држави, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека Индија и Пакистан по секоја цена треба да избегнат ескалација на конфликтот.

Помпео рече дека разговарал со министри од Индија и Пакистан и ги предупредил дека треба да имаат директна комуникација, со цел да се избегнат понатамошни воени активности.

И Русија е загрижена поради растечките тензии меѓу Индија и Пакистан и ги повикува двете земји да се воздржат од понатамошна ескалација, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој пред новинарите рече дека Москва внимателно ја следи ситуацијата, објави руската агенција „Тасс“.

Треба да знаете
Последни објави