Search

Консултативен форум за утврдување на развојните приоритети во Полошкиот плански регион

Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка денеска организираше консултативен форум за утврдување на развојните приоритети во Полошкиот плански регион.

– Во спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој се вклучени голем број субјекти на централно и на локално ниво, речиси сите министерства и општините. Неопходна е координација меѓу централната и локалните власти, но и консултација со граѓаните и со бизнис секторот, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

На крајот од овој консултативен процес, посочи, ќе биде финансиран проектот што ќе го изберат самите граѓани. Нагласи дека приоритетниот проект во Полошкиот плански регион ќе биде финансиран во врeдност од 111.000 швајцарски франци.

– Граѓаните треба да учествуваат, да покажат активен однос во процесите на донесување одлуки и да ја контролираат власта. Секогаш вреди да се биде активен и ангажиран граѓанин, затоа што само на тој начин можат да се направат суштински промени, рече Фазлиу.

Тој истакна дека рамномерниот развој на државата е императив во спроведувањето на развојната политика, затоа што има големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе во рамките на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места.

– Владата направи максимален напор веднаш на почетокот на мандатот да ги менува работите. За оваа година за рамномерен регионален развој се издвоени седум милиони евра буџетски средства, што е за 100 отсто повеќе во однос на 2017 година, додаде Фазлиу.

Консултативни форуми се организираат во сите осум плански региони. Во секој плански регион финансиски ќе биде подржана реализација на по еден проект, што во процесот на консултација ќе го изберат граѓаните, за што се обезбедени вкупно 850 илјади швајцарски франци. Приоритетниот проект во најразвиениот, Скопскиот плански регион ќе биде финансиран со 60.000 франци, а во најмалку развиениот, во Североисточниот плански регион, со 145 илјади швајцарски франци, инфомираат од Министерството за локална самоуправа.

Треба да знаете
Последни објави