Search

Светска премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Берлинале

Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска денеска ќе ја има својата светска премиера на 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал. Филмот е во трка за главната награда „Златна мечка“.

За време на фестивалот се закажани вкупно осум проекции на македонскиот филм, а билетите се веќе распродадени.

Во Берлин ќе присуствува и актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку. На денот на премиерата екипата ќе приреди и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.

Дејството на филмот се одвива во Штип каде што на Водици девојката Петрунија ќе го фати крстот. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже.

Фестивалот секоја година привлекува повеќе 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари, а за филмската индустрија и медиумите, овие 11 денови во февруари се воедно и едни од најважните настани во годишниот календар.

Треба да знаете
Последни објави