Search

Приведени тројца напаѓачи на ватерполистите на „Црвена ѕвезда“ во Сплит

Сплитската полиција утринава приведе три лица осомничени за нападот на ватерполистите на белградскиот клуб „Црвена ѕвезда“. Кај едниот од нив бил пронајден дрес од српскиот клуб.

Портпаролката на полицијата, Антонела Лолиќ, изјавила дека по уште две лица се трага и дека јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на истрагата.

Хрватските медиуми пишуваат дека хулиганите со палки, метални шипки и ножеви ги нападнале спортистите додека седеле во кафуле на кејот во Сплит. Најпрвин побарале од нив да ги соблечат маиците со обележја на „Црвена ѕвезда“, а потоа физички и вербално ги нападнале. Едниот од ватерполистите, Александро Краљ, за да се спаси скокнал во морето. Тој се здобил со полесни повреди на главата.

Хрватските медиуми пренесуваат дека кога излегол од водата тој рекол: „Да не скокнев во морето ќе ме убиеја“.

Според изјави на очевидци Краљ извикувал: „Јас сум од Котор, Црногорец сум, не сум Србин“.

Србија најави дека ќе ѝ врачи протестна нота на Хрватска поради инцидентот.

Треба да знаете
Последни објави