Search

Опозицијата во Венецуела тврди дека има закана за воено преземање на парламентот

Венецуелскиот пратеник на опозицијата, Хенри Рамос Алуп, изјави во средата дека парламентот на земјата, Националното собрание предводено од опозицијата, е под закана од вооружено преземање од владините сили на Венецуела, пренесува „Спутник“.

,,Не дај Боже, тие [владата на Венецуела] да дадат наредба вечерва за воено преземање на парламентот … Ние сме подготвени “, напиша Алуп на Твитер.

Тој тврди дека во минатото, вооружените сили на Венецуела повеќепати ја нападнале територијата на законодавната власт пукајќи, па дури и сериозно повредувајќи неколку пратеници”.

Во Венецуела избувна политичка криза на крајот од јануари откако претседателот на Националното собрание, Хуан Гуаидо, се самопрогласи за привремен претседател, оспорувајќи го реизборот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро минатата година. Лидерот на опозицијата беше речиси веднаш признат од САД и неколку други земји.

Во понеделникот, голем број земји-членки на ЕУ го признаа Гуаидо за привремен лидер на Венецуела откако Мадуро не успеа да организира нови претседателски избори во земјата во рокот од осум дена поставен од ЕУ. Од земјите на ЕУ се очекуваше да го признаат Гуаидо во заедничката изјава, но, според дипломатски извор во Брисел, Италија стави вето на ова барање.

Русија и Кина, како и неколку други земји, одбија да го поддржат Гуаидо, поддржувајќи го Мадуро како легитимен претседател на земјата и барајќи од другите земји да го почитуваат принципот на немешање во внатрешните работи на Венецуела.

Треба да знаете
Последни објави