Search

Вицепремиерот Османи во посета на САД

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оваа недела ќе престојува во неколкудневна работна посета на Вашингтон, во рамките на која ќе учествува и на традиционалниот Молитвен појадок во организација на американскиот претседател Доналд Трамп.

Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, во рамките на посетата Османи ќе оствари средби и со високи претставници на администрацијата на Белата куќа, меѓу кои и со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, како и со Вилијам Беркли директор за НАТО и европски прашања во  Националниот совет за безбедност при администрацијата на Белата куќа.

Планирана е посета и на американскиот Конгрес, каде Османи ќе оствари средби со бројни конгресмени и сенатори, меѓу кои и со конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата претседател на Националниот републиканскиот комитет во Конгресот на САД, потоа со конгресменката Деби Дингел ко-претсредавач со Демократскиот комитет за креирање политики во Конгресот на САД, а централна посета на Конгресот ќе биде средбата со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот – Елиот Ејџел.

Во рамките на посетата Османи ќе учествува и на тркалезната маса пред претставниците на една од највлијателните тинк-тенк организации во САД чија тема е соработката на САД и Европа – „Германскиот Маршалов Фонд” (German Marshal Fund), каде ќе има обраќање на тема „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ”.

На Агендата на Османи се и посетите на најголемите американски меѓународни институти, каде ќе оствари средба со Пол МекКарти, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт (ИРИ), како и со Шери Брајан, потпретседател на Демократскиот национален институт (НДИ).

Посетата на Османи на САД доаѓа во еден од најважните периоди за европската и евроатлантската иднина на земјава, по усвојување на Договорот од Преспа од страна на Македонија и Грција, со што се расчистува патот за евроатлантската интеграција на земјава, стои во соопштението. 

Треба да знаете
Последни објави