Search

Манчевски и Поповски потпишаа декларација против говорот на омраза во медиумите

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска во ЕУ Инфо-центарот во Скопје ја потпишаа декларацијата против говорот на омраза во медиумите.

Декларацијата произлезе од иницијативата на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за формирање мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите и ја потпишаа сите членки кои пристапија кон мрежата.

Основна цел на мрежата е превенција на ширењето на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичко вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на медиумските работници и пошироката популација за негативните последици од говорот на омраза и наоѓање начини за нивно спречување.

На настанот беше посочено дека според последниот извештај од канцеларијата на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, во Македонија ситуацијата со слободата на медиумите, како и безбедноста на новинарите е значително подобрена и дека позитивно се оценуваат одлуките на актуелната Влада за подобрување на законските рамки и продолжување на реформите во медиумската сфера.

Мрежата ја сочинуваат претставници на професионалните медиумски и новинарски здруженија, државни тела за заштита на човековите права, државни и регулаторни тела и граѓански организации, но според СЕММ процесот за приклучување на сите заинтересирани субјекти е отворен.

Треба да знаете
Последни објави