Search

Димовски предлага измени: Државата да помага осум, наместо пет години за „Купи куќа-купи стан“

Денеска до Собранието, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ќе достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на стабен кредит или во јавноста познат како проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа-купи стан“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Со Законот се предлага каматната стапка на субвенционираниот станбен кредит за граѓаните да изнесува не повеќе од 0,8 процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ, наместо моменталните 3,95 % за првите три години од отплатата на кредитот и не повеќе од 1,3 процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ наместо 4,44 % за четвртата, петтата и шестата година од отплатата. Во моментов основната каматна стапка на НБРМ изнесува 2,5 процентни поени.

Со Предлог законот се дополнува дека каматната стапка по завршување на првите шест години нема да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 5 процентни поени.

Дополнително предлагам и моделот на субвенционирање на месечната рата да се измени, па така:

– Државата би субвенционирала 40 % од ратата во првите пет години и 20 % од ратата во наредните три години.

– Државата би субвенционирала 60 % од ратата во првите пет години и 30 % од ратата во наредните три години.

Со ваквите предлог измени државата ќе им помага на граѓаните во првите осум години, наместо пет години согласно моменталното законско решение“, се посочува во соопштението на Димовски.

Со предлогот на закон, вели Димовски, се отстранува и одредбата според која субвенцијата за купување на нов стан важи само доколку цената за метар квадратен-нето корисна станбена површина е до 900 евра со вклучен ДДВ. Ваквиот предлог за отстранување на оваа одредба е пред се поради можните злоупотреби за нереално прикажување на цената по метар квадратен на атрактивни локации со цел да се искористи субвенцијата, а остатокот од средствата да се плати неформално, посочува Димовски.

„Со прифаќањето на измените и дополнувањата на Законот за субвенциониран станбен кредит се очекува да се постигнат следниве ефекти:

– Намалување на каматната стапка, а со тоа граѓаните ќе треба да вратат помалку пари;

– Долгорочно решение со каматна стапка која ги рефлектира пазарните услови;

– Износот на субвенцијата ќе се дава на подолг период што ќе придонесе и за помал буџетски расходи во тековната година;

– Стимулирање на градежништвото кое е во пад во последните шест квартали;

– Долгорочно решение за прагот на месечен приход по основ на плата на лицата односно брачните парови кои може да користат субвенција;

– Проширување на опфатот на субвенцијата и за проширување и реновирање на постојна куќа, наместо само за купување односно изградба на куќа“, се вели во неговото соопштение.

Во текот на денешниот ден предлог законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, Димовски соопшти дека ќе го достави и до Македонската банкарска асоцијација, Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанска комора на Македонија и Градежна комора на Република Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија со цел да дадат свое мислење.

Треба да знаете
Последни објави