Стоилковски: Граѓаните ги плаќаат возењата и партиските состаноци на функционери од СДСМ

СДСМ ја поистоветува државата со партијата и прави класична злоупотреба на државни ресурси за партиски цели, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, обраќајки се од пред седиштето на владејачката партија.

Тој обвини дека граѓаните плаќаат за возењата и состаноците кои функционерите од СДСМ ги одржуваат во седиштето на партијата.

„Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Мила Царовска, кои се министри во владата на партиски состанок доаѓаат со службени возила, односно незаконски користат службени возила вон работно време и за приватни средби“, посочи портпаролот на опозициската партија.

Стоилковски, повикувајќи се на информациите од некои медиуми, посочи дека министрите не биле единствени кои што користеле службени возила за партиски потреби и истакна дека злоупотреби правеле и голем број на директори и други функционери од оваа партија.

„Злоупотребата на државни возила за партиски цели е врв на партизација на државата“, нагласи партискиот портпарол и додаде дека СДСМ мора да одговори, колку ги чини граѓаните еден нивни партиски состанок, во смисла на возила, шофери, гориво и амортизација на возилата кои што се наплаќаат од Буџетот на Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави