Search

Катастрофа во Бразил: Стотици исчезнати откако наноси од кал прекрија населено место

Бразилските власти објавија дека пронашле 11 тела откако вчера испука огромната брана „Вале“. Дополнително 296 луѓе се водат за исчезнати, а дождот ја отежнува потрагата која продолжува, иако со се помала надеж дека ќе бидат пронајдени преживеани.

„Се надеваме дека ќе најдеме живи луѓе“, изјавил Едгар Естевао, командант на противпожарната служба од државата Минас Жераис, каде што се случи колапсот на браната која го задржувала отпадниот талог од рудник за железо.

Естевао додал дека 14 хеликоптери постојано надлетуваат огромна област целосно покриена со кал.

Со воен хеликоптер напладне на местото на настанот пристигна бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој не даде изјава, но подоцна на „Твитер“ објави дека бил сведок на страшни сцени.

„Ќе сториме се што е во наша моќ да ги згрижиме погодените од оваа катастрофа, да ги ограничиме штетите, испитаме околностите и да ја спроведеме правдата, со цел да се избегнат нови трагедии“, порача тој.

Во петокот пукна насипот во кој бил насобран отпадниот талог од рудникот за железо на компанијата „Вале СА“ во местото Брумадињо, општина со 39.000 жители, 60 километри југозападно од главниот град, Бело Хоризонте.

Војската со соопштение информираше дека по налог на претседателот Болсонаро, мобилизирани се околу 1.000 војници, кои се подготвени во секое време да се распоредат во областа на несреќата.

Причините за колапсот на браната сè уште не се утврдени.

Треба да знаете
Последни објави