Search

Отворена изложбата „Повеќе од должност” посветена на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот

По повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, вечерва беше отворена изложбата „Повеќе од должност” во Културно-информативниот центар (КИЦ).

Изложбата е во организација на амбасадорот на Израел, Дан Оријан и Здружението за развој на општеството и животната средина „Акта нон верба”.

Претседателот на здружението „Акта нон верба”, Скендер Асани рече дека изложбата е токму посветена на оние кои во тешките времиња собрале храброст да се одважат на предизвикот и да спасат еврејски живот.

– Додека земјите од слободниот свет се колебале дали да им помогнат на еврејските бегалци, повеќето дипломати продолжуваа со примена на стандардните процедури. Малкумина сметаа дека невообичаените времиња бараат и невообичаени активности и беа подготвени да дејствуваат спротивно на политиките на нивните влади. Ова мало малцинство ја собра неопходната храброст да ја препознае значајноста и последиците од послушноста на напатствијата на нивните надредени, вели Асани.

Тој ги спомна луѓето кои имаат спасено повеќе од 2.000 Евреи, односно Чиуне Сугихара, јапонскиот дипломат и Хо Фенг Шан, кинески дипломат.

– Приказната за спасувањето на семејството Франчез е резултат на соработката меѓу семејствата Хаџи Миткови и Рибареви од Македонија, кои преку семејството Меличи преминуваат во Албанија и се засолнуваат кај семејството Касапи и така се спасуваат. Тоа се исклучителни животни приказни, што дефинитивно заслужуваат да бидат споменати на овој важен ден, истакна Асани.

Овој ден беше назначен со резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации на 1 ноември 2005 година за време на 42-тата пленарна сесија. Резолуцијата дојде по одржувањето на специјална седница истата година на 24 јануари за време на која Генералното собрание на Обединетите нации ја одбележа 60-годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори и крајот на Холокаустот.

Со Резолуцијата 60/7 со која се воспоставува 27 јануари, како Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот се повикува секоја земја-членка на ОН да го одбележи споменот за жртвите од холокаустот и да го поттикнува развојот на едукативни програми за историјата на холокаустот за да помогне во спречувањето на геноцид во иднина.

Треба да знаете
Последни објави