Search

Заврши посетата на македонската делегација во Давос

Со повеќе средби од интерес за економската иднина на државата денеска македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев ја заврши посетата на Давос, каде учествуваше на Светскиот економски форум.

Владината прес-служба соопшти дека прашањата за развој на соработката и за динамизирање на интегративните процеси во регионот доминирале на средбите со словенечкиот премиер Марјан Шарец,  косовскиот претседател Хашим Тачи и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Соговорниците, како што се наведува во соопштението, му честитале на премиерот Заев за успешниот развој на спроведување на Договорот од Преспа и истакнале дека овој процес е силен поттик за идниот развој на односите во регионот.

Премиерот Заев остварил средба и со германскиот министер за здравство Јенс Спан со кого заеднички оцениле дека соработката и меѓусебната поддршка меѓу двете земји е сериозен потенцијал да се развие соработката и во областа на здравството со размена на искуства и усовршување на медицинскиот персонал.

Премиерот Заев и вицепремиерот задолжен за економија Кочо Анѓушев оствариле средба и со извршната директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева, со која разговарале за можностите за олеснет проток на производите и услугите во регионот на Западен Балкан.

Заев остварил работни средби и со менаџментот на повеќе светски компании, како што се Sun Group India, на која биле разгледани можностите за соработка во областа на обновливите извори на енергија, како и со претставници на компаниите CISCO, Philips, Google Jigsaw со кои разговарале за можностите за соработка во областа на високите технологии и информатичката индустрија.

За време на Светскиот економски форум, министерот за економија Крешник Бектеши учествувал во работата на иницијативата за заедничка декларација за е-трговија во организација на Светската трговска организација, која, како што наведуваат од Владата, е важна за Република Македонија пред се за претприемништвото, продуктивноста и економскиот раст на државата.

Во текот на дводневниот престој во Давос, премиерот Заев учествуваше и на форумите и дебатите  „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан” и „Иднината на Трансатлантската алијанса”, а оствари и средби со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со финансиерот и филантроп Џорџ Сорос.

Треба да знаете
Последни објави