Турскиот суд нареди ослободување на курдската пратеничка која штрајкува со глад

Tурскиот суд нареди ослободување на курдската пратеничка Лејла Гувен, која веќе 80 дена штрајкува со глад и е во критична состојба.

Налогот за ослободување дојде од југоисточниот град Дијарбакир, во кој Гувен беше притворена речиси една година, напиша прокурдската Народна демократска партија (ХДП) на „Твитер“ во петокот. Дијарбакир е најголемиот курдски град што овој народ го смета за неофицијален главен град во Турција.

Гувен е „незаконски притворена долго време”, напиша ХДП. Портпаролката на партијата, Бермали Демирдоген, рече дека сé уште не е познато дали пратеничката ќе биде ослободена в петок.

Гувен беше уапсена на 31 јануари 2018 година, поради критикување на турските воени операции во мнозинската курдска енклава Африн во северна Сирија. Таа беше обвинета за поттикнување омраза, објави турската државна новинска агенција Анадолија.

Таа протестира против затворањето на Абдула Оџалан, водачот на Курдистанската работничка партија (ПКК), во самица на мал остров во Мраморното Море. Турција, Европската Унија и САД сметаат дека ПКК е терористичка организација.

Штрајкот со глад на Гувенин ги инспирира другите поддржувачи на ХДП да тргнат по тој пат, па од минатата недела штрајкуваат со глад 194 затвореници во 44 затвори, тврди ХДП.

Треба да знаете
Последни објави