Почина режисерот Душан Макавеев

Српскиот режисер Душан Макавеев почина денеска во Белград на 87-годишна возраст.

Славниот режисер е роден на 13 октомври 1932 година во Белград. Дипломирал психологија на Филозофскиот факултет во Белград.

Тој е еден од основачите на филмскиот „црн бран”, со филмови со кои го критикуваше општеството, како комунистичкото, така и капиталистичкото.

Негови најпознати филмови се „Парада” (1962), „Љубовниот случај или трагедијата на службеничката на ПTT” (1967), „Невиност без заштита” (1968), „Ми недостига Соња Хени” (1972), „Сладок филм” (1973) и „Горилото се бања попладне” (1993).

Макавеев беше уредник на списанијата „Студент”, „Књижевне новине” и „Данас”, а имаше значајна улога и во студентските демонстрации во 1968 година.

Добитник е на голем број домашни и странски награди, меѓу кои „Сребрена мечка” во Берлин, „Сребрен Хуго” во Чикаго и „Филмска легенда”, што ја доделува Фестивалот на филмови од југоисточна Европа со седиште во Париз.

Во септември минатата година Душан Макавеев беше промовиран во почесен доктор на Ректоратот за уметност во Белград.

Треба да знаете
Последни објави