Search

Српски медиуми: По Путин, во Белград доаѓаат Трамп и Меркел

Претседателот на САД, Доналд Трамп би можел во текот на оваа година да ја посети Србија, објавува во денешното издание српски „Телеграф“, додека српски „Курир“ пишува дека наскоро во официјална посета во земјата повторно ќе допатува германската канцеларка, Ангела Меркел.

„На Трамп, како што беше случајот со недамнешната посета на рускиот претседател, Владимир Путин, Србија би му подготвила грандиозен пречек“, пишува „Телеграф“, потсетувајќи дека повик до шефот на Белата куќа да ја посети Србија, неколку пати досега упатија српскиот претседател, Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.

Извор за весникот наведува дека Трамп е уверен оти решението на косовскиот проблем е многу блиску, поради што ги упатил писмата до Вучиќ и косовскиот претседател, Хашим Тачи. Оттука изворот ја наведува можноста за посетата на претседателот на САД.

Во однос на посетата на Меркел, српски „Курир“ наведува дека Вучиќ и Меркел ќе се состанат на светскиот економски форум во Давос, каде покрај темите за Косово, економијата и интеграциите во ЕУ, ќе стане збор и за новата посета на Меркел во Белград.

„Овој состанок, 14 по ред, демонстрира близок однос помеѓу Меркел и Виучиќ, но овој пат, според оценката на алитичарите, ќе има посебно значење поради недамнешната посета на претседателот на Русија, Владимир Путин“, пишува српски Курир.

Српскиот претседател ден по посетата на Путин изјави дека е можно уште еден познат светски лидер да пристигне во Србија, а тоа не се претседателите на Кина и Франција, чиишто посети се веќе најавени.

Треба да знаете
Последни објави