Search

Антивладини демонстрации во Будимпешта

Во Будимпешта денеска се одржуваат антивладини демонстрации под слоганот „Национален протест против робовските закони”.

На протестите, кои се организирани преку социјалната мрежа Фејсбук, им се приклучија членови на опозициските партии, синдикати и невладини организации.

Демонстрантите се собраа на плоштадот извикувајќи: „Не сакаме да бидеме робови” и „Фидес мафија”.

Од владејачката партија Фидес тврдат дека настанот е дел од предизборната кампања за избори на Европскиот парламент на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

– Сорос сака да ги зајакне проимиграциските сили и ги мобилизира партиите и организациите да ги напаѓаат владите кои се против миграцијата, изјави портпаролот на Владата, Балаж Хидвеги.

На плоштадот кај унгарскиот Парламент, како што е најавено, треба да се обратат повеќе од 15 говорници.

Со новиот закон за работа, на работодавачите им е дозволено да бараат и до 400 часа прекувремена работа годишно, поради што критичарите го нарекоа „закон за робови”.

Треба да знаете
Последни објави