Продавачите на текстил и обувки остануваат на зелените пазари

Продавачите на текстил, обувки и непрехрамбени производи како козметика и накит остануваат на зелените пазари. И тие како и сите останати можат да добијат лиценци за продажба- велат за 24 инфо од Министерството за економија. Во Комората на трговци се зачудени од информациите кои деновиве излегоа во јавноста дека сите кои не продаваат овошје и зеленчук ќе бидат отстранети од пазарите. Во Комората на трговци на Македонија велат дека ниту има контроли, ниту пак некој се обидел да ги отстрани овие тезги. Денес на сите пазари сите нормално работеа и така ќе остане и во иднина бидејќи со Законот за трговија на пазарите опфатени се и овие категории.

-Продавачите на текстил, обувки и друга непрехрамбена стока и понатаму ќе продолжат да ги продаваат своите производи на зелените пазари.И тие како и останатите продавачи на зелените пазари ќе добијат лиценци за вршење трговија на истите- децидни се во Министерството.

На наше прашање дали продавачите на зелените пазари од следната година ќе бидат практично вработени, ќе плаќаат придонеси и на кој начин, во ресорот велат дека согласно законот, лиценците ги дава Комората на трговци на Македонија. Членот 7 од Законот предвидува 5 (пет) категории на лица кои можат да вршат трговија на зелен пазар.

Првата категорија се оние кои што сега се продаваат на зелена пазари, но никогаш не се евидентирани како такви и се водат како невработени. Законот за оваа категорија предвидува регистрација во Комората на трговци на Македонија, и со тоа ќе се врши легализација на нивната работа. Со регистрација, оваа категорија на лица согласно со Законот за членот 47, ќе ги применат одредбите од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, односно ќе плаќаат придонеси за социјално и пензиско осигурување- велат во ресорот.

Втората категорија се однесува на физичките лица кои во Централниот регистар се запишани како трговци поединци со единствена дејност трговија на мало на тезги на пазарите.

Третата категорија се однесува на лицата кои се запишани во регистарот на Министерство за земјоделство како индивидуални земјоделци.

Четвртата категорија исто така се однесува на лица кои се занимаваат со земјоделска дејност, иако се во работен однос но не се запишани во регистарот на Министерство за земјоделство.

Петтата категорија се однесува на лицата регистрирани во Министерството за земјоделство како членови на семејно земјоделско стопанство.

На прашањето зошто на пензионери и на вработени не смее да им се издаде лиценца, во Министерството за економија велат дека идејата на законот е да се регистрираат нерегистрираните трговци на зелените пазари и да се стави ред на зелените пазари. Во исто време треба да се знае која е улогата на организаторот на пазарот, што е улогата на Комората и да се знае кои се обврските и правата на зелените пазари.

Законот за работни односи не предвидува дополнителна работа за пензионерите, додека пак за вработените законот предвидува дополнителна работа со ограничено времетраење од 10 часови неделно. Но тоа мора да биде со претходно добиена согласност од работодавачот каде работникот работи со полно работно време. (член 121). Обврзан составен дел од ваков договор за вработување е и договорот за начинот на остварување на правата и обврските на работникот од овој работен однос со оглед на правата и  обврските на работникот кои ги има кај работодавецот каде е вработен со полно работно време- велат во Министерството за економија.

Екрем Долек, претседателот на Комората на трговци вели дека не е добро за никого да се шират дезинфрмации од типот дека сите трговци кои продаваат облека и обувки ке се тргаат од пазарите.

Ова е многу чудно и сосем неточно. Ниту законот предвидува таква обврска ниту пак ќе има такво нешто. Во Законот за трговија на пазари никаде не стои кои производи треба да се продаваат на пазар ако и не. Ниту има Пазарна инспекција денес за отстранување на тезгите ниту пак законски е тоа дозволено- вели Долек.   

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави