Search

Епидемија на морбили во Скопје, забрането носење во градинка на невакцинирани деца

Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи, пренесе makfax.com.mk. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.

-Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките, рече Филипче.

Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.

Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.

Тој потенцира дека во Србија и Романија има епидемија на морбили и рече дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Додаде дека во Србија починале 30 лица, а во Романија  50.

 

 

Треба да знаете
Последни објави