Search

Тевдовски: Ниска инфлација од 2 отсто, повисоки плати и раст на економијата од 3,2 проценти за 2019 година

Приватно многу среќен човек. За неговата среќа се заслужни трите ќерки и сопругата, неговото семејство и пријателите. Во јавноста е познато дека пред да дојдае во Министерството за финансии, работел како професор на Економскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Вака министерот за финансии Драган Тевдовски за 24 инфо ја раскажува својата приказна. Вели дека научно-образовната работа навистина го исполнувала, а во исто време предизвик му била можноста да придонесе во науката и да го пренесе своето знаење на идните генерации.

Позицијата министер за финансии за него е е голема чест, но и должност и одговорност да направи нешто подобро за општеството. Длабоко верува во тоа инаку не би се нафатил на позицијата. Првиот финансиер во државава вели дека професионална желба за Новата Година му е целиот тим на Министерството за финансии да остане со истата енергија како годинава. Приватна, здравје за семејството и повеќе време со нив. За државата вели дека очекувањата за годинава е дека платите ќе продолжат да растат. Ќе се креираат нови работни места. Се очекува да се интензивираат инвестициите.

-Очекувам да се продолжи со агендата со евроатланските интеграции.Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти. Во надворешната трговија, проекциите покажуваат дека извозот ќе продолжи да расте. Согласно овие движења, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции, како Меѓународниот монетарен фонд,  Светска банка и Народна банка.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20%. Просечниот раст на нето-платата се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа- велиТевдовски .

Додека беше во опозиција генерално беше против задолжување на државата. На нашето прашање каква е сега состојбата со јавниот долг, министерот вели дека претходната влада остави брзорастечки долг. Тој за 8 години, од 2008 до 2016 година, драстично пораснл од 23% на 48,5%, или 1,5 милијарди евра, на 4,7 милијарди евра. –Ако во 2016 година јавниот долг изнесувал 48,5%, сега тој изнесува 48,2%. Значи е намален. Велиме дека јавниот долг е под контрола бидејќи сега тој е на одржливо ниво, односно економијата ќе може да го сервисира долгот. Што значи тоа? – Прво каматите и кај домашното задолжување и кај еврообврзницата која ја издадовме се неколкукратно пониски од порано. На пример, кај еврообврзницата постигнавме историски најдобра камата од 2,75%, за разлика од претходните еврообврзници за кои камата се движеше помеѓу 4 и 10%. Значи довербата на инвеститорите е поголема и тие наплатуваат пониска цена за капиталот кој ни го позајмуваат.

Довербата на инвеститорите се огледа и во тоа што тие се подготвени да вложуваат во подолгорочни државни хартии од вредност. На пример, годинава издадовме 30-годишни државни обврзници и имавме огромен интерес од инвеститорите. Порано, најдолгорочна државна обврзница издадена на домашниот пазар беше 15 годишна. Ова значи дека инвеститорите имаат многу повеќе доверба во сегашните економски политики, па ги вложуваат своите средства на подолг рок. Понатаму, со издавањето на подолгорочни државни хартии од вредност се подобрува структурата на државниот долг и ќе биде полесно неговото сервисирање. Правиме постепена фискална консолидација, односно постепено од година во година го намалуваме планираниот минус во буџетот за да го намалиме задолжувањето. Направивме систем за справување со скриениот долг кој го наследивме од претходната влада. Тоа е оној долг на институциите, општините, фондовите за кој немаше евиденција. Сега имаме систем од три чекори – евиденција, исплата и механизам за спречување на настанување на нови заостанати обврски- објаснува Тевдовски.

Вели дека ние имаме ниска инфлација. Годинава и покрај некои шпекулации во јавноста за високи стапки на инфлација, годината ја завршуваме во рамки на планираното. За догодина проектирана е инфлација од 2%, што е повторно ниска инфлација. Граѓаните немаат потреба да се грижат, нема да има никакви драстични поскапувања и ценовни шокови.

Го прашавме и зошто се одлучил за прогресивен данок и колку повеќе пари очекува во буџетот со оглед на тоа дека се намалија казните од друга страна! Вели дека воведувањето на поправеден даночен систем ќе придонесе за намалена социјална нееднаквост, намалена сиромаштија, подобро здравство и образование, понизок буџетски дефицит. За него праведното оданочување е стандард во најуспешните економии во светот. Доминира во Европската Унија и го има во САД. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани.

Рамниот данок беше карактеристика на поранешните социјалистички земји, но и тие во последно време го напуштаат. Од нашите соседи Албанија го замени рамниот данок со прогресивен во 2014 и оттогаш има одлични резултати. Ќе споменам еден податок во овој контекст. Најдоховните 1% имаа вкупна ефективна даночна стапка, која е пониска од онаа на останатите, што не е праведно. Најдоходовните 1% од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доходна граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Истовремено, многу наши сограѓани немаат пристап до квалитетно образование и здравство, затоа што државата нема доволно средства за да вложува во нив. Ефектите од промените се такви што бруто плата од 140.000 денари месечно, која пред реформата беше еднаква на 92.733 денари нето, сега би била еднаква на нето-плата од 92.444 денари. Со други зборови, дополнителниот данок за бруто-плата од 140.000 денари месечно изнесува 289 денари, односно 0,2% од бруто-платата. Освен оваа промена, го зголемуваме даночното ослободување (намалување) кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8.000 денари месечно. Со тоа, ја намалуваме ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати и пензии, особено за оние со пониски примања. Вкупните приходи во Буџетот за 2019 година се планирани на ниво кое за 9,5% повисоко на годинава. Повисокото ниво на планирани буџетски приходи се базира на остварувањето од годинава и очекуваниот економски раст догодина- вели првиот човек на Министерството за финансии.

За тоа дали остана нешто несработено во минатата година, а беше планирано, Тевдовски вели дека годинава беше година на крупни реформи во јавните финансии. Направиле сет од 10 клучни реформи, кои ќе придонесат за подобрување на системот јавни финансии во земјава. Во рамки на овие реформи е и даночната реформа. Направена е и пензиска реформа, која ќе го стабилизира ПИОМ, и ќе го намали дефицитот во Фондот и ќе обезбеди сигурни пензии за сегашните и идни пензионери. Со реформата на социјалниот систем, воведен е гарантиран минимален приход, подобро таргетирање на социјалните трансфери, како и повеќе средства за најранливите категории.

Како што и претходно кажав, после долги години јавниот долг е ставен под контрола. Спроведуваме постепена фискална консолидација во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок. Системски пристапивме кон решавање на заостанатите обврски од претходната власт. Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот. Голем дел од обврските се веќе сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски.Системот за јавни набавки го усогласивме со европските стандарди. Новиот закон за јавни набавки ќе осигура поголема ефикасност и транспарентност во јавните набавки. Се бориме против корупцијата преку мерките за спречување перење пари. Направен е нов закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, усогласен со највисоките светски и европски стандарди.

Подобрена е функционалноста на системот за јавни финансии. Воведена е претпополнета годишна пријава, електронски систем за царинско работење и многу други мерки од кој директен бенефит ќе имаат граѓаните и фирмите.

Континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. „Граѓанскиот буџет“ доби веб-платформа, континуирано се објавуваат голем број на извештаи кои имаат и квалитативно подобри податоци, а наскоро и исплатите од трезорот ќе бидат достапни до широката јавност преку веб-платформа.Во Новата година влегуваме со еднаков елан за работа и енергија, како и во 2018 година, така да резултатите нема да изостанат- вели Тевдовски.

Кога не работи е со семејството. Гледа максимално да го искористи времето со нив. Бидејќи работниот ден сега му трае подолго, ги носи ќерките на училиште и во градинка. Потоа кога ќе се врати дома го чекаат, па чита, игра или гледа цртан филм со нив. Секаде истакнува дека сопругата ми е голема потпора – и порано додека работел научна работа  и сега.

Цел живот се бавам со спорт, поточно од десет години. Играв во младинската школа на ФК Вардар, и во тој период со тимот ги освоивме сите титули во младинските првенства на Македонија. Исто така, бев дел од Младинската репрезентација на Македонија во фудбал,  која во 1997 година го освои второто место на Балканското првенство. И за време на студиите играв во Балкан, Работнички и Скопје. Спортот не го оставив до денес. Сега редовно трчам. Се натпреварувам и на трки. Неодамна со тимот на Министерството за финансии победивме на трката „Business run”– вели Тевдовски.

За Нова година најверојатно ќе биде дома, со пријатели, бидејќи ќеркичката пред еден месец наполнила една година, се уште е мала. За Божиќ и Бадник повторно во домашна атмосфера. Објаснува дека ќерките навистина се радуваат на сите оние обичаи за време на овие празници, како вртењето паричка. Ова е убав период од годината за со семејството, време кое го поминува во домашна атмосфера со децата.

Валентина Ангеловска

фото:Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави