Search

Реакција на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности поради затворање на двете читалници

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности реагираше денеска поради затворањето на нејзините две читалници, особено на читалницата „Славко Јаневски”.

-Фондацијата најблаго речено е непријатно изненадена од ненадејната вест за одлуката на Општина Центар за затворање на двете нејзини читалници, особено за одлуката за затворање на читалницата „Славко Јаневски”. Напоменуваме дека ниту во еден момент не бевме консултирани при донесувањето на оваа одлука ниту пак бевме во можност да понудиме евентуални решенија за да може да се ублажи евидентната штета што оваа одлука неминовно ја носи со себе, се вели во соопштението.

Фондацијата нагласува дека читалницата „Славко Јаневски” поседува квалитетен книжен фонд (а тука се наоѓаат и мошне вредни книги), скулптури и уметнички дела. Најголемиот дел од книжниот фонд и уметничките дела се приватни донации и подароци, меѓу кои најзначајна е донацијата на семејството на Славко Јаневски.

-Со одлуката за затворање на читалницата останува нејасна судбината на сите овие донации и вредни дела. За жал, немаме информација како ќе се постапува со нив, каде ќе завршат и дали донаторите ќе се сложат со новите решенија. Без оглед на реакциите на јавноста и нашите обиди, надлежните од Општината сѐ уште не немаат контактирано во обид да пронајдеме заедничко решение. Сепак сме во надеж дека заеднички ќе дојдеме до соодветно издржано решение, со кое ќе се минимализира штетата настаната од оваа ситуација, се додава во соопштението.

Фондацијата „Славко Јаневски” го организира конкурсот за престижната награда „Роман на годината”, која годинава го слави својот 20-годишен јубилеј. Како и минатата година и годинава, според пропозициите на конкурсот, романите се доставуваа во просториите на читалницата „Славко Јаневски”.

Поради новите околности, Фондацијата „Славко Јаневски” објавува дека до крајот на конкурсот – 15 јануари романите ќе се доставуваат во Културно-информативниот центар на Град Скопје (КИЦ), секој работен ден.

Останатите услови од конкурсот остануваат исти – се пријавуваат пет примероци од романот или се праќаат по пошта на адреса Фондација „Славко Јаневски”, бул. „Кузман Јосифовски Питу” бр. 19-40-6, 1000 Скопје.

Треба да знаете
Последни објави