Search

СДСМ: Измените на Кривичниот законик се во согласност со судските реформи и нема да влијаат на предметите од СЈО

Денешната промена на Кривичниот законик предложена од група пратеници е усогласена со верзијата која ја предложи и Владата согласно Планот 18 и Стратегијата за реформи во правосудството, велат од владејачката СДСМ.

Од таму додаваат дека во рамките на политиката на генералното намалување на санкциите, е предложена и измената на висната на казната за кривичното дело од членот 275-в од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство.

„Оваа измена нема да влијае на никаков начин на застарување на кој било предмет отворен од Специјалното јавно обвинителство пред надлежните судови“, сметаат од владејачката партија.

Од таму додаваат дека целта на донесување на овие измени е пред се, ревидирање на одредбите во неколку области, од кои како најзначајни се: криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете-жртва, воведувањето ново кривично дело „Попречување на правдата“, кодифицирање на кривичното дело за заштита на сведоци содржано во Законот за заштита на сведоци во Кривичниот законик итн.

„Главна цел е да се подигне видливоста на делата на омраза со пропишување законска дефиниција на тој поим и предвидување посебни облици на дела на омраза во Посебниот дел, што согласно начелото на легалитет ќе ги обврзува органите на гонење да ги откриваат, утврдуваат и процесуираат таквите дела“, се наведува во партиското соопштение.

Треба да знаете
Последни објави