Search

Иванов: Ме следат и прислушкуваат, УДБА си останува со удбашки методи

Претседателот Ѓорге Иванов во денешното обраќање од Собранието истакна дека е сниман и прислушкуван, а следени се и неговото семејство, како и членовите на неговиот Кабинет.

„Сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, и повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на Претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот Кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи“, изјави претседателот Иванов.

Тој рече дека УБК е жариште на политички, институционални и безбедносни кризи. Наместо да ги спроведува законите, УБК работи надвор од својот законски мандат, порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците.

Според него ова е последица на една голема заблуда, бидејќи секоја партија што доаѓала на власт мислела дека ќе може да ја контролира УБК, за на крајот да сфати дека УБК е таа што контролира.

„Како и неколкупати претходно во минатото, така и сега УБК се користи како алатка за конструирање на лажни случаи со цел реваншизам, гонење и уцена. Тоа е машинерија за делегитимирање на институциите на државата, како што впрочем неодамна почувствувавме. УБК е еден од главните инструменти за вршење уцена“, рече македонскиот претседател.

Говорејќи за законските решенија од областа на безбедноста, Иванов нагласи дека со нив сега концентрацијата на моќ од МВР се сели во Владата, при што како што рече нелегалното се легализира, незаконското се озаконува, а вечните предизвикувачи на кризи се нудат како спасители од кризи.

Треба да знаете
Последни објави