ЗАКЛУЧОЦИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ИНФОРМАТИЧКО-КОМУНИКАЦИСКИ ТЕХНОЛОГИИ  ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА  

Согласно најавата за седница бр. 78 на Собранието на Р. Македонија, закажана на 28.12.2018 година во 13:00 часот, на која на дневен ред е единствена точката: Дополнет Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  (понатаму ЗААВМУ) – II читање;  операторите на јавни комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси (понатаму: оператори), одржаа состанок на покана на Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора на Македонија, на која беа присутни претставниците на сите оператори.

На состанокот се разгледа предлогот на ЗААВМУ согласно последните достапни информации за материјалите достапни на веб-страната на Собранието на РМ, со посебен осврт на измените на член 143, став 3 и 4, како и член 47, со коишто се предлагаат преодни и завршни одредби во однос на примената на член 143.

 

Во дискусијата во која учествуваа претставниците на операторите се донесоа следните Заклучоци:

 

  1. Со предложените одредби се предвидува воведување одговорност на страна на операторите за реемитувани програми која е без преседан и која е целосно спротивна на суштината на дефиницијата на поимот – реемитување утврдена со Закон, во услови кога операторите ниту имаат уредувачка одговорност ниту контрола врз реемитуваните програми која во целост припаѓа на страна на радиодифузерите.
  2. Предложените одредби воведуваат целосна дискриминација на странските радиодифузери наспроти домашните радиодифузери по однос на обврските кои тие треба да ги исполнат за да може да бидат реемитувани на територијата на РМ, со што практично ќе се стави ненадминлива пречка за реемитување на странски ТВ-програми, и се спротивни на ЕУ Директивата за реемитување и Директивата за телевизија без граници.
  3. Доколку се усвојат предложените измени, операторите ќе бидат доведени до ситуација да не можат да реемитуваат странски ТВ програми, што ќе резултира со катастрофално уназадување на изборот на претплатниците за следење на програмски содржини, поради фактот што најмалку 5/6 од постојните програмски пакети содржат странски ТВ програми. Ова би придонесло за сведување на достапните програмските пакети само на локални содржини, односно тотален „медиумски мрак“.
  4. Со овие одредби се прекршуваат сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ и на постојните законски решенија по однос на слобода на изразување и телевизии без граници.
  5. Членот 47 е потполно нејасен и доведува до сериозна правна несигурност во работењето на операторите.
  6. Од погоре наведените факти и аргументи, сите оператори се согласни и предлагаат бришење на овие одредби од страна на предлагачот.

За Заклучоците на Здружението на информатичко-комуникациски технологии  при Стопанската комора на Македонија соодветно се информирани претставниците на Делегацијата на ЕУ во РМ, Делагацијата на ОБСЕ и релевантните амбасади во РМ (засегнати од примената на ваквиот предлог Закон).

 

Доколку дојде до изгласување на овие предложени законски решенија во Собранието на Република Македонија, операторите ќе бидат приморани согласно законските норми да ги исклучат странските програмски сервиси/канали кои ги реемитуваат и тоа исклучување ќе трае се` додека не се променат спорните законски одредби.

 

 

Одделение за информирање

Треба да знаете
Последни објави