Search

Изработен акциски план за заштита на балканскиот рис

Систематски активности за заштита на балканскиот рис на подрачјето на националниот парк „Маврово“ се предвидени со акцискиот план што беше промовиран пред сите засегнати страни во НП „Маврово“ од страна на Македонско еколошко друштво и ќе се спроведува до крај на 2020 година, информираат оттаму. Овој документ, посочуваат, бил изработен и ревидиран во партнерство меѓу МЕД и НП „Маврово“ и други релевантни партнери од земјава и странство вклучени во програмата за зачувување на балканскиот рис.

Главната цел на Акцискиот план е да се даде значителен придонес кон заштитата на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Акцискиот план е оперативен документ во кој се наведени конкретни активности и мерки, како и нивни финансиски и временски рамки. Акцискиот план главно се однесува за јадровото подрачје на популацијата на рис, кое моментално се наоѓа на територијата на НП ‘Маврово’, а предвидени се активности во доменот на мониторинг на неговиот плен, едукација и подигнување на јавната свест, воспоставување безбедни коридори за крупните цицачи, прекугранична соработка и слично“, изјави Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво.

„Сегашната состојба со рисот во Македонија е загрижувачка. Со најновите процени, популацијата на рисот во целиот негов потенцијален регион на Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки. Оваа процена е добиена благодарение на директното пребројување на единки во јадровото подрачје – НП ‘Маврово’ и нивна понатамошна екстраполација низ преостанатите погодни станишта. Пребројувањето на единки се вршеше со помош на светски прифатениот метод на фотозамки во 2008, 2010, 2013, 2015 и 2018 година. Во Националниот парк и неговата потесна околина се среќаваат помеѓу 10 и 18 рисови. Фактот дека популацијата е помала од 50 возрасни единки го сместува балканскиот рис во категоријата на критично загрозен според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата и како таков е ставен од 2015 година на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата“, се наведува во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави