Search

Адеми: Реализирани над 2.000 проекти од културата, значително ќе се подобрат условите за работа во институциите

Повеќе од 2.000 проекти поддржани во годишните конкурси на Министерството за култура се релизирани годинава, а според направените анализи во Министерството за култура, во сите дејности има висок степен на реализиција на зацртаните програмски активности. Два конкурса успешно се спроведени годинава. Станува збор за проектите во рамките на Новиот културен бран и конкурсот наменет за младите „Млади Европејци”, кои културната понуда за нашите граѓани ја збогатија со повеќе од 380 настани.

Ова денеска го истакна министерот за култура Асаф Адеми на прес-конфереција на која даде пресек на реализираните проекти и активности годинава, а ги најави и приоритетите за 2019 година.

Посочи дека годинава била дадена рекордна поддршка на 109 самостојни уметници, за кои Министерството за култура доделува месечни надоместоци за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход; а двојно ја зголемиле и поддршката за Конкурсот за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри, за што оваа година обезбедиле четири милиони денари за 55 лица.

Осврнувајќи се на капиталните инвестиции на Министерството за култура, потенцира дека се реализирале или се во напредната фаза на реализација повеќе проекти преку кои значително ќе се подобрат условите за работа на вработените во институциите од областа на културата. – Во напредна фаза на реализација се проекти за изградба на нов објект наменет за Театар и Библиотека во Тетово, изградба на Театарот во Струмица, како и реконструкција на објектот што го користи НУ Албански театар, рече Адеми.

Наброја позначајни проекти кои целосно се завршени, а тие се санација на покривот на објектот кој го користи НУ Драмски театар – Скопје, рконструкција на покривот и санација на влезно фоаје на  постојниот објект на Театарот во Прилеп, на кровната конструкција на објектот кој го користи НУ Театар Комедија-Скопје, санација и реновирање во НУ Tеатар за деца и младинци, реконструкција на објектот на Центарот за култура Кочани, реконструкција и санација на галериски простор Чифте Амам, санација, поправка и тековно одржување на објектот на НУ Конзерваторски  центар – Гостивар…

– Во драмската дејност беа поддржани 121 проект, се реализираа 22 театарски фестивали и манифестации во 11 општини. Во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот беа поддржани 377 проекти. Во областа на интердисциплинарната дејност се реализираа  71 проект, меѓу кои имаше и иновативни и креативни случувања. Беа реализирани многу квалитетни и оригинални изложби подготвени во соработка со домашни и странски куратори, монографско-ретроспективни претставувања, архитектонски изложби, проекти кои се однесуваат на популаризација и стимулација на младите уметници, проекти наменети за лица од посебни категории…, истакна Адеми.

Нагласи дека во музичко-сценската дејност поддржани се 270 корисници со 345 проекти од национален интерес и седум културно-уметнички манифестации со меѓународен карактер, а се реализираа и голем број на проекти од областа на фолклорната и сценско-уметничката дејност преку кои се афирмираше богатата етнокореолошка и музичка традиција на Македонија.

– Што се однесува до издавачката дејност, сметам дека 2018 година беше година на публикување на многу значајни книжевни дела кои имаат големо значење. Со поддршка на Министерството за култура се реализираа 542 различни проекти, меѓу кои и публикации, списанија, програми на здруженија, како и проекти од електронското издаваштво, објавени на македонски, албански и на јазиците на останатите заедници кои живеат во Република Македонија. Издадени се повеќе оригинални изданија од автори од Македонија, преводна литература, списанија од областа на литературата и културата, а се реализираа и значајни литературни манифестации, рече Адеми.

Во делот на заштитата на културното наследство, оваа година, истакна министерот, се реализирани 537 проекти кои се однесуваат на заштита на движното и недвижното културно наследство, заштитата на аудиовизуелното наследство, како и за музејска и библиотечната дејност. а во делот на меѓународната промоција на Република Македонија беа поддржани 258 проекти (од кои 137 проекти билатерала, 67 мултилатерала и 54 проекти на центрите  во странство. Укажа и на повеќе позначајни претставувања на македонската култура во странство.

Во владина постапка на донесување се, потенцира, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди (востановување на нова државна награда „Мето Јовановски” за особени постигнувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права) и Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

– Наскоро ќе ги објавивме резултатите по годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес за 2019 година, каде приоритет е поддршката на квалитетни и разновидни проекти од сите дејности од областа на културата, дисперзија на културата во локалните средини, заштита и промоцијата на културното наследство, меѓународната промоција на културата, капиталните проекти и инвестициони вложувања и друго. Остануваме доследни и на спроведувањето на приоритетите во Стратегијата за развој на културата за периодот од 2018-2022 година, рече Адеми.

Главен приоритет на Министерството за култура, потенцира, и натаму останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на новиот Колективен договор во културата. Според него, со склучувањето на новиот Колективен договор за културата во иднина ќе се решат негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

Планирани се реконструкции на објектите на Центарот за култура во Гостивар, на театрите во Куманово и Прилеп, Центарот за култура во Кочани – втора фаза. Се предвидува реконструкција и пуштање во употреба на Албанскиот театар, изградба на театарот и библиотеката во Тетово со што ќе заврши првата фаза, изградбата на Стариот театар во Струмица и реконструкција на други објекти од областа на културата.

– И во 2019 година продолжуваме со силната поддршка на уметниците преку објавување на конкурсите за: самостојните уметници, младите таленти и дефицитарни кадри, конкурсот „Млади Европејци”, Нов културен бран, а секако се планираат и други нови конкурси преку кои ќе ја зајакнеме поддршката за уметниците во нашата земја. Следната година ќе бидеме домаќини на јубилејната петта по ред конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што ќе се одржи во првата половина на годината и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина на министерско ниво, што ќе се одржи во ноември 2019 година, додаде министерот Адеми.

Треба да знаете
Последни објави