Search

Македонската филхармонија тргнува на турнеја во Кина

Од 26 декември до 8 јануари, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја оствари долгоочекуваната турнеја во Кина.

Како што кажува и насловот на овој грандиозен музички проект – „7 концерти во 7 градови во Кина“, оркестарот на Македонската филхармонија во рамките на двонеделната турнеја ќе одржи седум концерти во седум импозантни концертни сали во: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.

Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртузите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус.

Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва турнеја во Азија и тоа со целиот симфониски состав“, вели Виктор Илиески, директор на Македонска филхармонија. „Од контактите кои што ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање на вакви комплексни турнеи. Сакам да искажам голема благодарност и до кинеската амбасада во РМ која ни излезе во пресрет за визите, но и за нивното интересирање за целиот процес. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри. Оваа турнеја ќе биде огромна мотивација за сите музичари и се надевам дека, како и во Шпанија, ќе ја претставиме државата и институцијата, од секој аспект, на најдобар можен начин“, додава Илиески.

Кина во изминатите години бележи огромен подем во развојот на културата. Изградени се голем број на нови концертни сали, а дел од нив важат за најдобрите културни архитектонски зданија во светот.
За дел од реализацијата на ова патување помогна компанијата „Дајнерс“ која на музичките уметници им додели специјални вип картички.

Треба да знаете
Последни објави