Search

Трпчески со регионална премиера на „Македонисимо” во Белград

Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески синоќа во „Коларац” во Белград го претстави  „Македонисимо”  во рамки на циклусот „Рефлексии на Бемус”, што беше и регионална премиера и на овој негов нов емотивен проект инспириран од македонската народна музика.

На еуфоричниот прием и овациите од белградската публика, Трпчески и пријателите – Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев зад удиралките, по изведбата  на препознатливите македонски ритми аранжерски облагородени од нашиот композитор Панде Шахов, низ кои провејуваат Буфчанско, Малешевка, Црногорка, Беранче, Велигденско, Пелистерско, Поступано, но и Филка мома, Чие е она девојче,… возвратија и со специјалниот бис од преработка на две српски ора.

По концертот Трпчески изјави дека многу се радува на овој концерт во Белград и му е многу мило како поминал.

– Центарот на белградските фестивали нè покани да го претставиме нашиот проект и за нас беше предизвик пред белградската и српската публика кои многупати досега покажале дека ја познаваат и сакаат македонската музика, да го изведеме „Македонисимо”. Драго ми е што и ние и публиката имавме една вистинска предновогодишна концертна забава, рече Трпчески.

Осумдесетминутниот проект „Македонисимо” минатиот месец беше изведен во Велика Британија (Ливерпул и Бирмингем), а веќе се утврдуваат и термините за наредниот период за претставување во регионот, Скандинавија, Велика Британија, САД и Азија.

Треба да знаете
Последни објави