Search

Адвент во Загреб: Најдобра божиќна дестинација во Европа

Хрватскиот главен град Загреб стана познат како омилена дестинација на европските туристи во деновите на одбројување до Божиќ.

Последните три години, Загреб добива награди за најдобро организиран Божиќ во Европа. Иако, поради пропозициите на натпреварот Загреб не можеше да учествува за четвртата по ред награда, загрепскиот Божиќен адвент остана една од омилените дестинации на туристите во деновите од пред католички Божиќ, па се до 6 јануари.

– Концептот на Адвент во Загреб е многу едноставен – мноштво од мали празнични плоштади, куќички со иста боја, тематски поделена музика и новогодишно осветлување. Мирис на греено вино, колбаси, медени срца и разни други гастрономски специјалитети, звуци на божиќните ѕвона… Разновидната забава и за најмладите и за постарите и семејствата, секако се добар повод поради кој треба да се посети Загреб и да се доживее магијата на Адвентот, порача Ивана Махиниќ од Туристичката организација на Градот Загерб.

Порталот „Еуропеан Бест Дестинатион” на кој гласаа туристички експерти од 123 држави во светот, три години по ред го прогласи Загреб за најдобра божиќна Адвент дестинација во конкуренција на на дваесет градови, меѓу кои и Виена од каде и влече корени овој божиќен паснаѓур уште од 13от век. И Си-Ен-Ен го прогласи Адвентот во Загреб за еден од најдобрите во светот.

И не случајно Загреб го доби овој епитет. Од над 30 локации со накитени улици и плоштади ширум градот, од мали до големи бини се слуша жива музика од бројните бендови.

Во паркот Томиславац, што се наоѓа меѓу Железничката станица и споменикот на Кралот Томислав, се наоѓа огромно лизгалиште на отворено, на кое уживаат најмногу помладите со родителите.

Движејќи се кон центарот наидуваме на слична глетка на еден од најубавите загрепски паркови „Зрињевац”, со осветлени дрвја, каде на средишниот дел доминира бина на која настапуваат повеќе музички групи. Во божиќен дух живее и Штросмаеровото шеталиште на Градец и Горниот град околу плоштадот и катедралата „Св.Марко”.

Секако тука е и самиот центар – плоштадот „Бан Јелачиќ”, каде на посетителите покрај концертите и дедо мразивци, им се нуди еден куп гастрономски специјалитети, традиционално вообличени со колбаси и греено вино со кои посетителите ги загреваат промрзнатите нозе.

Загрепчаните имаат свој „тунел” – тоа е Мариќевиот премин кој е осветлен само во една боја. Всушност, Загреб и оваа година, сиот е осветлен во боите на злато, сребро и малку црвена боја, со различни сценографски елементи на различни локации.

И на сите улици околу центарлниот плоштад, преку паркот „Максимир”, па се до Нов Загреб, во божиќен амбиент се наоѓаат околу 700 штандови со богата панаѓурска понуда – од домашни ракотворби и пригодни производи, до сувенири. И тоа не е се.

Секако тука се и бројните концерти и културни настани, Замрзнатиот парк, програми за децата, фестивал на чоколадата и на палачинките, наменски изложби, големи 3Д инсталации, пригоден репертоар на Хрватскиот народен театар и уште многу други содржини, со кои Загреб не случајно три години по ред е прогласен за најдобра дестинација во Европа за божикните празници.

И наместо градот да се расфрла со пари за овој настан, во коорганизација со Туристичката организација на Хрватска и со културните институции, со огомна подршка на самите граѓани, Загреб инвестираше во оваа божиќна манифестација и средствата веќе се враќаат за поголеми инвестиции за догодина. Па така неслучајно Загреб стана „најтуристички град” во Хрватска, пред Дубровник, Сплит, Пореч и Истра.

Така, само во последните три години со пополнетост на 94 отсто од сместувачките капацитети, бројот на туристи е зголемен за 50 проценти или минатата година вкупно 70.000 туристи го посетиле „Божиќен Загреб”. Годинава само за една недела, од како е отворен Адвентот, Загреб бележи раст од 18 проценти на гости и 15 отсто на ноќевања. Од гостите од целиот свет и регионот, Загреб Адвент лани оствари приход од 15,2 милини евра.

На најдобрата божиќна забава во Европа доѓаат и туристи од Македонија, а годинава забележан е раст од 20 проценти на бројот на македонските туристи.

– Загред сега е магичен. На сите туристи од Македонија, топло им препорачувам да дојдат на Адвент во Загреб. Има полно забава и за најмладите и за повозрасните. Има многу добра храна, пијалаци, мноштво на настани цел ден и цела ноќ низ целиот град. Ние се веселиме и сакаме да дојдете, порача претседателот на Хрватското новинарско друштво, Хрвоје Зовко.

Како и да е, кој сака да ужива и вистински да ги почуствува божиќните и новогодишните празници нема подобра дестинација од Загреб.

Треба да знаете
Последни објави