Search

Се разгледуваат можностите како радиодифузерите да ги прилагодат своите програми за лицата со сетилна попреченост

Разгледување на начините и можностите, како радиодифузерите да ги прилагодат своите програми за лицата со сетилна попреченост, и укажување на придобивките што телевизиите можат да ги добијат од ваквиот процес имаше за цел работен состанок што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа со претставници на националните телевизиски сервиси.

Пред присутните беше презентирана брошурата „Како да се обезбедат информации за лицата со сетилна попреченост – Пристап, услуги, програми, материјали и алтернативни формати”, која Агенцијата ја подготви и испечати на македонски, албански и англиски јазик. Во брошурата се посочени потребите, идеите и согледувањата на слепите и лицата со оштетен вид, како и на глувите и наглувите лица во Република Македонија. Преку графикони и слики, на популарен начин е објаснето и како во зависност од видот на попреченоста – слух, вид, физичка или умствена, медиумите да обезбедат полесна комуникација преку употреба на видеа со титлување, отворени или затворени текстуални описи, гестов говор или аудио описи.

-Овие средства за комуникација со лицата со попреченост се опфатени и во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, која на денешен ден во 2006-та година, беше усвоена во Обединетите нации. Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, ги обврзува потписниците вклучувајќи ја и Македонија, да комуницираат со лицата со употреба на комуникација по нивни избор, вклучувајќи „олеснување на употребата на знаковни јазици, брајово писмо, аугментативна и алтернативна комуникација, и сите други достапни средства, начини и формати за комуникација, од страна на лицата со попреченост во официјалните интеракции, по нивен избор”, се вели во соопштението од АВМУ.

Оваа недела се одбележуват и 70 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации. Фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права, укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место.

Во оваа насока, Агенцијата и понатаму останува посветена кон поттикнување на радиодифузерите за отстранување на бариерите кои ги спречуваат лицата со сетилна попреченост да пристапуваат до информациите и да ги користат аудиовизуелните услуги кои се достапни за повеќето граѓани во Македонија, и воедно ги повикува радиодифузерите самоиницијативно да се вклучат во овој процес.

Треба да знаете
Последни објави