Search

Заев во Штип, Шекеринска и Османи во Тетово на последните јавни дискусии за нацрт-амандманите

Заев во Штип, Шекеринска и Османи во Тетово на последните јавни дискусии за нацрт-амандманите

Во Штип и Тетово денеска ќе се одржат последните две од вкупно петте јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ќе учествува на јавната дискусија во Штип. Покрај премиерот Заев, на дебатата што ќе се одржи во спомен собата „Киро Глигоров” експертски осврт ќе бидат судијката, Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот проф. д-р Ѓорѓи Спасов, додека дискусијата ќе ја отвори и води градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

На дебатата во Тетово што ќе се одржи во амфитеатарот „Арбен Џафери” во Универзитетот на Југоусточна Европа, ќе се обратат вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а експертски осврт ќе дадат универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река, додека дискусијата ќе ја отвори и води ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети.

Во рамки на дводневната работна посета на Португалија и учеството на Конгресот на ПЕС, премиерот Заев во изјава за неколку странски медиуми изрази уверување дека инклузивниот процес во Парламентот и јавните дебати ќе успеат да обезбедат двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измнеи кои се обврска од Договорот од Преспа.

-Досега како што се движат работите, преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени. Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција, но и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република, рече Заев.

На трите досега одржани јавни дебати во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.

Премиерот Заев и владините претставници на дебатите ги презентираа нацрт – амандманите и укажаа на потребата за донесување на уставните измени во контекст на влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози. Заев постети дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО што треба да се случи во ист ден или заедно паралелно.

Во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, тој рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите. Укажа и дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи “во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.

-Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца, рече Заев.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на дебатата во МАНУ го отвори прашањето за непотпишување на Договорот од Преспа од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со што тој не е стапен во сила и се уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации. Според него, можеби треба да се смета дека потписот е даден кога втор пат ќе биде изгласан законот. Академиците, пак, со различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина.
По завршувањето на двете последни дебати Владата треба да достави Извештај до Собранието, а претседателот на Собранието Талат Џафери треба да закаже седница не порано од триесет дена. Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Уставните амандмани ќе се сметаат за донесени доколку за нив гласаат 80 пратеници
Треба да знаете
Последни објави