Search

Судење за 27 април: Русковска не дозволи повлекување на доказите за Абдуљфета Алими

Судењето за случувањата од 27 април продолжи со доказна постапка со изведување на доказите на обвинетиот Абдуљфета Алими вработен како обезбедување во Собранието.

Адвокатот на Алими, Дончо Наков на почетокот од рочиштето изјави дека ги повлекува доказите за обвинетиот бидејќи,како што кажа, видеата во најголем дел се поклопуваат со оние на обвинителството.

На овој предлог на Наков реагираше јавната обвинителка Вилма Русковска која не се согласи на повлекување на овие докази велејќи дека има важни моменти за постапката од снимката пред прес центарот во Собранието.

-Не се сложувам со повлекување на цедињата со доказите за Алими, особено на снимката од пред прес центарот. Благодарејќи на другите видеа на одбраната најдовме снимка на обвинето лице без маска кое обвинителството не можеше да ја најде. Снимките треба да се пуштат, рече Русковска.

Рочиштето продолжи со репродуцирање на снимката од пред прес центарот во Собранието. На видеото се гледа како пред вратата од салата стојат повеќе лица меѓу кои и обвинетиот Абдуљфета Алими заедно со останати припадници на собраниското обезбедување обидувајќи се да ја смират ситуацијата.

За денешното рочиште повикани се и сведоците, Сања Угриновска Спасеновска, Жарко Денковски, Светлана Наумовска, како и Вјолца Бајрами од кабинетот на актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери.

Виктор Јованов

Треба да знаете
Последни објави