Европскот совет на инженерски комори на своето 16. Генерално собрание избра три потпреседатели, професорот Миле Димитровски од македонската комора, Хубертус Бројер од комората на Германија и Зигмунд Мејер од полската комора на инженери.
Димитровски е актуелен претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.
На изборното собрание на ЕЦЕЦ (ЕCEC – European Council of Еngineers Chambers), кое се одржа кон средината овој месец во Загреб, Хрватска, за претседател беше избран Клаус Туреди од австриската инженерска комора, а Ханцјорг Лецнер од италијанската комора за генерален секретар.
„Ова претставува уште едно признание за македонската комора, која е посебно ценета во меѓународната инженерска заедница поради својот пристап кон странските инженери и инженерски комори и системот на континуиран инженерски развој. Управниот одбор на комората го поддржа иницијалниот предлог на Инженерската иницијатива за регионална соработка, составена од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, поради извонредниот ангажман во промоција на коморското работење во регионот, за овој мандатен период да ме кандидира за функција“, изјави Димитровски.
Мандатот на новиот состав на ЕЦЕЦ е три години од денот на изборот. Седиштето на Европскиот совет на инженерски комори (ЕCEC – European Council of Еngineers Chambers) е во Брисел.