Search

Одржан бизнис форум меѓу грчки и македонски фирми во Атина

Ме радува што по подолг временски период, успеавме да ја собереме оваа бројна бизнис делегација од двете земји на едно место. Бизнисот е од особено значење за овие две соседни, пријателски и геостратешки важни земји. Постои голем потенцијал за интензивирање и продлабочување на досегашната соработка меѓу бизнис заедниците на двете земји, особено во делот на иновациите, новите технологии и подобрувањето на услугите и продуктите за полесен пристап на трети пазари.  Во иднина со поддршка на владите од двете  земји, коморите ќе се обидат што поинтензивно да работат на реализација на идните планови за доброто на бизнис заедниците, но и економиите на двете земји, – истакна господин Константинос Михалос, претседател  на Атинската комора за трговија и индустрија, во своето поздравно обраќање на Бизнис форумот и билатералните средби, што се одржаа денес во Атинската комора за трговија и индустрии.

Даниела Михајловска Василевска, како претставник на Стопанската комора на Македонија, додаде дека бизнисот е тој кој прв гради мостови и линкот кој ја одржува билатералната соработка помеѓу две земји, дури и кога политичките процеси затајувале, а соработката со Грција е веројатно најдобриот доказ за тоа.

-Во изминатите години Грција континуирано е на врвот на листата на надворешно-трговски партнери на Република Македонија. Вкупната трговска размена меѓу двете земји за периодот јануари – септември 2018 година е во вредност од 748,1 милиони САД$, со пораст од 24,9% во однос на истиот период од претходната година. Остварен е извоз во вредност од 171,4 милиони САД$ со пораст од 9,8%, додека увозот изнесува 576,7 милиони САД$ исто така со пораст од 30,2%, споредено со периодот јануари – септември 2017 година. Република Грција е втор трговски партнер на Република Македонија во изминатите девет месеци од 2018 година, искачувајќи се за едно место погоре каде во компарираниот период од 2017 година, е веднаш зад најголемиот трговски партнер, СР Германија- додаде Михајловска Василевска. Во наредните 24 месеци, Стопанската комора на Македонија во соработка со Атинската комора за трговија и индустрии ќе започнат со работа на заеднички проект за поддршка и забрзан раст за потенцијални иновативни мали и средни претпријатија (МСП) „газели“.

-Овој Проект ќе се реализира во рамките на „БАЛКАН МЕД“-Програмата, а главен акцент ќе биде ставен на поддршка на капацитетот на малите и средни претпријатија за да растат на регионалните, националните и меѓународните пазари и да се вклучат во иновативните процеси со цел развивање и тестирање на кохерентна рамка за забрзување за „ГАЗЕЛИТЕ”- иновативните компании да ги направи побрзи и поконкурентни на пазарот, – додаде Василевска.

Важно е да се истакне дека голем број грчки компании го имаат согледано потенцијалот и условите за инвестирање во Македонија, уште пред многу години, што ја прави Грција трет најголем инвеститор во Република Македонија во изминатите неколку години. Стотици компании со грчки капитал долги години наназад успешно работат во земјава во повеќе различни сектори како што се банкарскиот сектор, енергетиката, прехранбената и текстилната индустрија, градежништвото и трговијата на мало, вработувајќи повеќе десетици илјади работници. Македонија е блиска земја, не само географски, туку и културно и историски. Канцеларијата за врски на Грција во Македонија е спремна да ја даде целата поддршка и помош за сите компании заинтересирани за соработка и инвестиции во Македонија. Во комуникација со надлежните министерства и институции во земјата, значително ќе им го олесниме пристапот до пазарите на нашите компании, – истакна  госпоѓа Пагона Ларда, прв советник за економски и трговски работи при Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје.

Двете страни се согласија дека ваквите средби се во полза на компаниите и придонесуваат за подобрување на економските односи помеѓу двете држави, зголемување на трговската размена и преземање заеднички  активности за поттикнување на идна соработка на полето на инвестициите во различни индустрии, растењето на капацитетите на компаниите и заедничка соработка во делот на проекти за научни и иновативни истражувања. Бизнис заедниците немаат време за чекање и коморите се тие коишто ги преземаат првите чекори. Организирањето на овој Бизнис форум во Атина, а и следниот во Скопје, ќе ги поттикне стопанствениците подобро да се запознаат и да се информираат за продлабочување на можностите за соработка, за да можат максимално да го искористат создадениот деловен амбиент од страна на владите на двете земји, за доброто на двете држави.

Треба да знаете
Последни објави